![G20,](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/10/samit-g20-rim.jpg?resize=696%2C463&ssl=1)
Челниците на 20-те најголеми економии на светот би требало да се обврзат дека ќе ги поддржат настојувањата на само 100 дена да се скрати периодот потребен за развој на нови вакцини, лекови и тестови во пандемија, според нацртот на заедничкиот документ кој треба да биде усвоен на самитот во Рим викендов.
Вообичаено развојот на вакцините трае повеќе од десет години додека не се добијат исцрпни резултати за ефикасноста, безбедноста и евентуалните нус појави. Меѓутоа, од разгорувањето на пандемијата на Covid-19 се забрзаа истражувањата, испитувањата и регулаторните процедури, што овозможи вакцините да бидат достапни за помалку од една година, а покрај тоа и со политички одлуки да бидат задолжителни во одредени случаи или професии.
Сега, документот на кој се повикува агенцијата Reuters но не е познат авторот или авторите на понудената верзија, укажува дека челниците од Г20 сакаат да го скратат тој период дури на малку повеќе од три месеца.
Во кризни здравствени сутуации предизвикани од пандемии „ќе ја поддржиме науката да се скрати циклусот на развојот на сигурни и ефикасни вакцини, терапии и дијагностички методи од 300 на 100 дена“, се наведува во нацртот од заедничката изјава којашто би требало да биде усвоена на самитот на Г20 викендов во италијанската престолнина.
Нацрт верзијата на заедничката изјава може да биде изменета, меѓутоа запознати функционери рекле дека не се очекува споменатата формулација да биде менувана.