„ГАТАНКИ погодувалки – пишувалки“, најнова книга за деца од Ели Маказлиева, во издание на ЕДУКА МАК

„Гатанки погодувалки – пишувалки“ од Ели Маказлиева е  најнова книга чија содржина е мотивирана од древниот литературен жанр гатанки, чиј извор е во фолклорот, и спаѓа во една исклучително дефицитарна област – литература за деца.

Авторката верна на своето длабоко познавање на сензибилитетот на современото дете, го доближува на децата овој краток древен фолклорен жанр – гатанките.

Книгата е изобилие од свежина, висока и софистицирана инвентивност и креативност, која на оригинален, пристапен и интерактивен начин ги активира најмладите читатели, ја буди и ја поттикнува нивната мисловна активност.

Преку строфи од по четири или повеќе стихови (кои во себе содржат „јадро“ кое всушност е латентно метафорично прашање), кои се во совршена синергија со илустрациите и  кои упатуваат на метафоричниот поим се поттикнува когнитивното мислење кај децата.

Одговорот суптилно ги насочува децата кон вистинскиот поим кој треба да се погоди и внесе во соодветни графички прикази – графизми кои се важен дел на процесот на растолкување на поимот, во кои треба да се впише точниот одговор.

Интеракцијата – како суштински сегмент на овој проект подразбира процес во три етапи: кодирање на пораката (гатанка) – декодирање на пораката или устен одговор (погодувалка) – внесување писмен одговор (пишувалка). Оваа „скала“ на нивоа од домените на развојот на детето се дополнува уште со две етапи – боењето (развој на графомоторика)  и проверката на точниот одговор – гатанката на крајот од книгата.

Во оваа ретка книга како по својата концепција, така по структурата, свое место ќе најдат поимите кои му се блиски на детето и со кои секојдневно се среќава.

Рецензии за книгата напишаа: проф.д-р Кристина Николовска и проф. Д-р Јованка Денкова. Илустрациите се на Игор Јовчевски.