Германското општество политички се свртува в десно, а тоа меѓу другото се забележува и кога станува збор за негативниот став кон бегалците и барателите на азил кон коишто секој втор испитаник има негативни ставови, покажува испитувањето на јавното мнение објавено во четвртокот.
„Десно популистичките ставови кои се вкоренија во ‘мејнстрим’ општеството коешто ја губи почвата под нозете и својата демократска ориентација“, стои во студијата што ја спровела левичарската фондација Фридрих Еберт, блиска на Социјалдемократската партија на Германија (SPD).
Ова особено се покажува во делот од истражувањето коешто се занимава со односите кон странците. Посебно се зголемил бројот на оние кои негативно се однесуваат кон лицата кои во Германија бараат азил. Нивниот процент првпат надминал 50 отсто, па така 54 проценти од испитаниците негативно се однесуваат кон лицата коишто доаѓаат во Германија во потрага по азил.
Анкетираните биле соочени со тврдењата како што се „Во Германија живеат премногу странци“, „Повеќето поднесувачи на барање за азил вооопшто не се прогонети“ или „Властите се обидуваат да ни ја сокријат вистината за бегалците“.
Истовремено е и забележителна засилената подложност на Германците на теориите на заговор. Поточно, 45 отсто од испитаниците сметаат дека тајните организации влијаат на носењето на политичките одлуки, а четвртината веруваат дека политиката и медиумите ги следат истите интереси, односно дека тајно соработуваат со нив поради двостраната полза.
Авторите на оваа студија оценуваат дека има контрадикторни ставови и истовремено бележат пад на нивото на одбојноста кон хомосексуалците и бездомниците. Негативен став кон овие општествени групи по правило би бил поврзан со ксенофобијата. „Многу испитаници се залагаат за повеќе демократија и слобода на изразувањето, но истовремено застапуваат и десно-популистички идеи“, стои во студијата на споменатата левичарска фондација.