Германија го примила официјалното барање од Полска за реекспорт на германските тешки офанзивни тенкови „Leopard 2“ во Украина, изјави во вторникот полскиот министер за одбрана Матеуш Блашчал, а неговиот германски колега Борис Писториус ги охрабри земјите кои ги поседуваат да почнат на нив да ги увежбуваат украинските војски.
Според регистарот на оружја на Обединетите нации од 2019 година, Полска поседува 247 тенкови „Leopard 2“. Засега не е јасно колку тенкови на Киев, кој бара стотици па и илјада, Варшава има намера да му предаде.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави во вторникот земјите западни сојузнички на Украина коишто поседуваат тешки тенкови „Leopard 2“ може да започнат да ги увежбуваат нивно користење за украинските војници, иако Германија сѐ уште не даде формално одобрување за нивната испорака на Киев.
„Изрично ги охрабрив земјите партнери кои имаат тенкови Leopard подготвени за испорака да почнат да ги увежбуваат украинските сили на тие тенкови“, рече Писториус на прес-конференција во Берлин одржана заедно со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Германија, којашто според меѓународните договори за испораки на оружје, мора да го одобри секое натамошно испорачување или продажба на тенковите „Leopard 2“ на трети земји, досега се воздржуваше од таквите акции. Прво владата во Берлин се соочи со големо неприфаќање на Германците на директните испораки на тенкови во Украина, а потоа образложи дека стравува дека тоа ќе ја испровоцира Русија за ескалирање на своите воени операции. Некои, воени аналитичари, пак, предупредуваат дека постои ризик напредната технологија со кои се опремени овие тенкови да дојде во посед на руската војска која потоа може да изгради ефикасно оружје за нивно уништување.
Владата во Киев бара стотици тенкови, но откако САД порачаа дека не размислуваат за испраќање на своите тенкови „Abrams“, а Велика Британија вети до 14 свои тешки тенкови „Challenger 2“, се зголеми притисокот врз Германија за нејзините „Leopard 2“, едни од најшироко користените во војските на НАТО, за да тргне во противофанзива по губењето на неколку стратешки позиции во Доњецк и Запорожје.
Владата во Берлин, чии гласачи во неколку анкети се изјаснија со мнозинство против испраќањето тенкови на Украина, е под притисок на сојузниците и се одбрани со образложението дека е за тоа е потребен консензус меѓу сојузниците кој не беше постигнат во петокот, и истакна дека другите членки на НАТО мора службено да побараат дозвола за што е подготвена брзо да дејствува.
Тешките и напредни тенкови на западните земји треба да му помогнат на Киев да го сопре руското напредување на фронтот, а Москва предупреди дека тоа ќе значи уште подиректно вмешување на НАТО во судирот, што само ќе ги продолжи страдањата на украинскиот народ кој на крајот самиот ќе ја плати оваа „псевдопомош“.