![germanija ekonomija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/08/germanija-ekonomija.jpg?resize=640%2C360&ssl=1)
Германската економија најверојатно ќе ослабне и во четвртиот квартал годинава, а нејзиното закрепнување следната година ќе биде макотрпно и ќе зависи од потрошувачката на домаќинствата, оценува централната банка Bundesbank.
Високите трошоци за енергијата, слабата странска побарувачка и зголемените каматни стапки ѝ нанесоа штета на германската индустрија, па овогодинешната економија е рангирана меѓу најслабите во Европа според стапката на растот.
„Економската активност веројатно ќе се намали благо и во четвртиот квартал од 2023 година“, проценува централната банка во својот најнов месечен извештај, додавајќи дека закрепнувањето од вкоренетата слабост којашто се припишува на почетоот од руската инвазија во Украина кон крајот на февруари минатата 2022 година ќе биде „тешко“.
Германскиот бруто домашен производ (БДП) порасна на квартална основа само во периодот од април до јуни, за 0,1 отсто. Во првиот квартал активноста стагнира, а во третиот бележи пад од 0,1 отсто. Во четвртиот квартал показателите се главно послаби од очекуваното.
Во Bundesbank се и претпазливи оптимисти во прогнозите за следната година, нагласувајќи ја високата вработеност, силниот раст на платите и стабилизирањето на показателите за расположението.
„Има знаци на мало подобрување во новата година. Фундаменталниот тренд на нови нарачки води до заклучок дека падот на странската побарувачка можеби го достигна дното“, оценува Bundesbank.
Сепак, ова се само индиции, нагласуваат тие, додавајќи дека нема конкретни докази за континуирано подобрување на глобалната индустриска активност и дека истражувањата сигнализираат пад на новите нарачки и генерално слаба побарувачка.
Нарачките на германските компании полека се намалуваат и тоа може дополнително да го забави производството, предупредуваат тие.
Стимулација ќе биде потрошувачката на домаќинствата, која може да биде претпазлива на почетокот, но повисоките нето приходи на крајот ќе го стимулираат растот на реалната потрошувачка, велат од Bundesbank.