Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер го прекршил Уставот објавувајќи на веб-страницата на Сојузното министерство за внатрешни работи делови од интервју за медиуми во кое ја критикува десната евроскептична и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), одлучи во вторникот германскиот Уставниот суд.
„Јавното делување на сојузната влада престанува онаму каде што започнува агитацијата за или против една или повеќе личности кои се наоѓаат во политичката трка“, појасни претседателот на Германскиот уставен суд, Андреас Фоскуле.
Уставниот со оваа одлука повторно потврди дека минстрите не смеат да ја користат својата функција за да влијаат врз политичката трка за наклонетоста на избирачите. Тоа е дозволено само во својство на член на некоја партија, но не и на сојузната влада.
Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, од баварската Христијанско-социјална унија (CSU) во 2018 година за државната Германска новинска агенција (DPA) даде интервју во кое ја критикуваше AfD, поради нејзините критики на сметка на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер. Оваа партија остро ја критикуваше поддршката на шефот на државата на концерт во организацијата на левичарски политички групации и ја нарече „поддршка за радикалните левичари“.
„Ваквото однесување е опасно за државата. Не можете еден претседател на републиката вака да го повикувате на ред. Тука станува збор за поткопување на државата“, рече Зехофер во споменатото интервју во коешто за AfD уште рече дека „јасно им се спротиставува на државните структури. „Тие можат уште илјада пати да повторуваат дека се демократи, но не се тоа“, рече во истото интервју министерот за внатрешни работи.
Уставниот суд на Зехофер не му забележува за тврдењата искажани во интервјуто, туку фактот дека споменатиот текст со другите медиумски изјави на министерот се поставени на официјалната страница на министерството за внатрешни работи.
„Зехофер во споменатото интервју зборува и за теми коишто не се однесуваат на неговиот ресор, па е јасно дека истапувал како партиски политичар“, се истакнува во образложението на пресудата.
Партијата AfD, којашто веќе еднаш избори слична правна победа против поранешната министерка за образование Јохана Ванке, од Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел, ја поздрави последната пресуда на Уставниот суд.
„Водството на AfD своите членови и гласачи и натаму ќе ги штити од дифамирањето и навредите“, порача партискиот лидер Тино Хрупала.