Гибралтар во понеделникот е ставен на официјалната листа британски градови, 180 години откако неговиот статус на град кој му го доделила кралицата Викторија, бил заборавен поради административна грешка.
Британската прекуморска енклава на ‘ртот на Пиринејскиот полуостров претходно годинава се кандидирал да го добие статусот град во Обединетото Кралство во рамките на прославата на платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора, но со прегледот на Националниот архив утврдено е дека статусот на град му бил одобрен уште во 1842 ггодина.
„Прекрасно е да се води официјалното признавање кое му се дава на градот Гибралтар, големо признание за неговата богата историја и динамичност. Ова официјално признавање повторно го потврдува посебниот статус на Гибралтар во кралството на Нејзиното Величество и со право ја означува гордоста којашто гибралтарците ја чувствуваат поради својата заедница и голема оставнина“, се наведува во писмената изјава на британскиот премиер на заминување Борис Џонсон.
Шпанија во 1713 година по војната ѝ го отстапила на Велика Британија стратешки важниот ‘рт Гибралтар, но долго бара територијата да ѝ биде вратена. Идејата суверенитетот да биде поделен меѓу Лондон и Мадрид, во 2002 година го отфрлиле 99 отсто од гласачите во Гибралтар.
Статусот на Гибралтар и начинот за контрола на границата со Шпанија е предмет на спор од 2016 година кога Велика Британија гласаше за излегување од Европската унија. Малата територија беше исклучена од постојниот договор за раздружувањето меѓу Лондон и Брисел.
На сила се неформалните договори, додека двете страни преговараат за Гибралтар, кој со големо мнозинство го поддржа останувањето во ЕУ на референдумот за брегзитот.