Гихтот е метаболичко заболување кое уште и се нарекува „Болест на богатите“, бидејќи се појавува кај личности кои консумираат многу црвено месо и пијат алкохол.
Оваа болест е еден вид на артритис и се јавува во случај на акумулација на урична киселина во крвта, урината и ткивата.
Уричната киселина се произведува како нуспроизвод во варењето на одредени видови храна, затоа Гихтот е тесно поврзан со исхраната.
Уричната киселина е нормална компонента во крвта, патува преку крвотокот до бубрезите каде се филтрира, а проблем може да настане доколу ја премине границата на дозволеното. Тогаш се таложат кристали на зглобовите и околу нив и предизвикуваат болки, воспаление, оток и црвенило. Најчесто се јавува на големиот зглоб на палецот на ногата, но може да ги зафати и другите органи како коленото, зглобот на раката, лакотот, стапалото и др.
Причинители можат да бидат наследни грешки во гените, но и други болести, како што се болести на бубрезите и болести на крвниот систем.
Во повеќето случаеви причинител е нездравата исхрана, односно исхрана богата со пурини, како што се месото, рибата, поготово сардина, но и конзумацијата на алкохол. Затоа се препорачува храна која содржи многу малку пурини, тоа е свежо овошје, зеленчук, ориз, компир и тестенини.
Секојдневното мени кое содржи многу намирници од животинско потекло, претставува ризик за ова заболување токму поради пурините кои ги содржат, затоа внимателно со диетите кои се на база на месо и сувомеснати производи како на пример популарните „Хроно диета“, „Кето диета“ итн. Храната богата со пурини го зголемува нивото на урична киселина во телото. Избегнување на таква храна ќе резултира со намалено ниво на урична киселина во телото и намалување на интензитетот на симптомите кај луѓето кои страдаат од Гихт.
Сосема е јасно дека за развој на оваа болест, во голема мера придонесуваат и некои од навиките во животот.
Затоа, ризикот од оваа болест може да се минимизира ако се направат неколку едноставни промени во животниот стил. Тоа се пред се’ губење на вишокот телесна тежина, избегнување на акохолни пијалаци, бидејќи за луѓето кои имаат проблеми со Гихт, алкохолот се смета за отров. Потоа избегнување на богати оброци од месо, консумирање на големи количини на течности, особено вода, бидејќи им помага на бубрезите во секрецијата на вишокот на урична киселина, но и избегнување на газирани пијалоци.
Автор: Сертифициран нутриционист Марија Лазиќ за НетПрес
e-mail: [email protected]