Во последниот дуел од петтото коло на шпанското фудбалско првенство актуелниот шампион Барселона пред своите навивачи во неделата вечерта одигра 2:2 со Гирона, и ја пропушти можноста да остане со максимален ефект и осамена на врвот од Ла Лига.
Барселона поведе во 19 минута преку Лионел Меси и се чинеше дека рутински ќе го одработи мечот поротив нејаката Гирона. Меѓутоа, Каталонците во 35 минута останаа со играч помалку откако беше исклучен Клемент Ленгле по жестокиот судар со Пере Понсо. Се чинеше дека францускиот бек случајно со лакт притоа го погоди во глава противничкиот играч, но судијата Хезус Гил по прегледување на видое-снимката процени поинаку.
Гирона израмни во самиот финиш на првото полувреме со голот на Рикардо Стуани по грешката на Жерар Пике, а целосен пресврт направија гостите во 51 минута, по слична грешка на домашниот стопер а повторни стрелец беше Стуани. Меси во 60 минута од слободен удар ја погоди стативата, но три минути подоцна Пике израмни. Во продолжение, откако во вториот дел Валверде ја призна својата грешка и во игра ги внесе Фелипе Кутињо и Иван Ракитиќ, Барселона имаше уште неколку убави шанси за победа, но гостинскиот голман Јасин Бунуо бранеше одлично, а Кутињо во последната минута шутираше само на неколку сантиметри од неговиот гол.
Реал Бетис и Атлетик Билбао одиграа 2:2 откако гостите имаа два гола предност по само 20 минути игра, но и играч помалку целото второ полувреме. Атлетик поведе со голивите на Инаки Вилијамс во 7 и Раул Гарсија во 19 минута, меѓутоа во последните моменти од првиот дел црвен картон доби Сусаета. Домашните успеаја да израмнат преку Марк Бартра во 51 и Серхио Каналес во 69 минута.
Вилјареал и Валенсија одиграа без голови, а и на овој дуел беше исклучен играч. Гостите имено од 58 минута станаа без Дани Парехо.
Во пладневниот меч Севилја славеше во Валенсија против Леванте дури со 6:2 во најефикасниот дуел во досегашиот тек од првенството. Играч на мечот беше гостинскиот фудбалер Бен Једер кој постигна хет-трик со головите во 11, 35 и 45 минута, а по еден гол за тимот од Андалузија постигнаа ја Карико во 21, Андре Силва во 49 и Сарабиа во 59 минута. За домашните стрелци беа Марти во 12 и Кјаер кој си постигна автогол во последните секунди од натпреварот. Интересно е што Севилја на овој меч постигна повеќе голови отколку во претходните четири кола, кога противничката мрежа нејзините играчи ја погаѓаа четири пати.
Во саботата Реал Мадрид минимално со 1:0 го совлада Еспањол, а другите мечеви завршија со следните резултати: Рајо Ваљекано – Алавес 1:5, Селта Виго – Вајадолод 3:3, Еибар – Леганес 1:0 и Хетафе – Атлетико Мадрид 0:2. Колото го отворија Хуесја и Реал Сосиедад, а победија гостите.
На табелата бодовно со по 13 бодови се израмнети Барселона и Реал Мадрид, а ги следи изненадувањето Алавес кој собра 10 бодови. Селта Виго е четврта со 8 бодови, којлку што има и место подолу Атлетико Мадрид кој се чини се опоравува по лошиот старт на првенството.