Google ќе им плати на низа медиуми за нивните содржини

Американскиот технолошки гигант „Google“ соопшти дека ќе создаде програма за лиценцирање на содржините (контентот), според којашто ќе им плати на редица медиуми за објавување „квалитетни“ вести.

„Денеска објавуваме дека програмата за лицецирање за плаќања на издавачите за квалитетна содржина… ќе биде лансирана оваа година“, се вели во соопштението на компанијата. Сумата којашто треба да се исплати не е наведена во објавата на Google.

Се наведува дека првите договори биле потпишани со издавачи во Германија, Австралија и Бразил, кои ги вклучуваат изданијата на Spiegel, Solstice Media и Diarios Associados.

„Ќе започнеме со издавачи од повеќе земји во светот, а во иднина ќе бидат повеќе“, се додава во соопштението.

Покрај тоа, компанијата соопшти дека Google, исто така, ќе плати доколку е можно за бесплатен пристап на корисниците до платени статии со цел да се зголеми аудиториумот на издавачите.

Австралискиот регулатор за пазарна конкуренција ACCC процени дека Google и Facebook заедно заработуваат околу шест милијарди долари од огласувањето во оваа земја.

Водечките медиумски куќи бараат од Google и Facebook секоја година да плаќаат најмалку 10 отсто од приходите на локалните медиумски организации. Од Google во мај го одбија барањето и соопштија дека од огласувањето поврзано со вестите заработуваат само 10 милиони долари годишно.

Пред само десет дена Google и Facebook го одбија повикот на владата на Австралија и на тамошните медиумски компании за поделба на приходите од огласувањето со медиумите, при што Facebook сугерираше дека попрво ќе ги укине вестите на својата платформа.

Компанијата сопственик на најголемата социјална мрежа на светот тврдеше во пријавата на австралискиот регулатор за пазарна конкуренција дека вестите претставуваат „многу мало делче“ од користената содржина кај просечниот корисник.

„Кога би ги укинале медиумските содржини, убедени сме дека влијанието врз финансиските показатели на Facebook во Австралија не би било значајно“, соопштија од Facebook во изјава која звучеше како блага закана за бојкотирање на локалните издавачи. Додадоа дека имајќи ја предвид општествената важност и полза за медиумите, би сакале да продолжат да пренесување на објавите на медиумските куќи.

Како и повеќе земји во светот, и Австралија најави дека ќе претстави планови со коишто сака да ги присили Facebook и Google на поделба на приходите од огласувањето кои ги заработуваат од вестите објавени на нивните платформи.

Оваа иницијатива во Австралија силно ја поддржаа двете најголеми тамошни медиумски куќи „Rupert Murdoch News Corp“ и „Nine Entertainment“. Тврдат дека кризата којашто силно ја зафати медиумската индустрија главно ја предизвикале Google, Facebook и другите големи технолошки компании кои земале огромно мнозинство од приходите од интернетското огласување, без чесен надоместок за медиумските куќи.

Австралиската влада аргументираше дека тамошните медиумски куќи биле принудени да го намалат бројот на вработените во редакциите,. Повеќе од 170 редакции и медиуми привремено ја запреле работата или се затворени последните години.