Градоначалникот на Дојран пет месеци ќе донира половина плата за настраданите во Турција и Сирија

Во знак на солидарност и поддршка, градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов во следните пет месеци ќе донира 50 отсто од неговата месечна плата за помош на настраданите во Турција и Сирија.

Покрај тоа, на последната седница на Советот на Општина Дојран едногласно е донесена одлука еднократно да се исплатат средства во висина од 300.000 денари од општинскиот Буџет на донаторските сметки отворени за помош на настраданите во двете земји, а прифатена е и иницијативата советниците во следните пет месеци да донираат и дел од својот паушал.

И во овие тешки моменти, остануваме заедно, сплотени и подготвени да помогнеме. Затоа што знаеме колку малку, некогаш може да значи многу. Несомнено е дека хуманоста ја отсликува големината на еден човек. Таа е најчовечната особина, доблест за секој поединец. Таа е дел од принципите на еден граѓанин. Дел од животната етика – напиша Ангов на Фејсбук.

Тој информираше и дека е покрената иницијатива да бидат отворени пунктови за донации каде граѓаните ќе може да дадат свој придонес за настраданите во катастрофалниот земјотрес, а за локациите ќе има дополнително известување.