Додека цело Скопје мака мачи со паркирање, уништено зеленило, паркирани возила по тротоарите, по улиците, караници меѓу возачите, секојдневни нервози, градот заработува врз грбот на граѓаните и ги дестимулира во купувањето паркинг места.
Граѓаните остро реагираат зошто Град Скопје прави нереални процени на паркинг местата кои ги купуваат во станбените објекти и плаќаат огромни суми за данок на промет. Метар квадратен за паркинг места надвор од централното градско подрачје, Градот го проценува на, ни помалку ни повеќе, туку меѓу 500 евра и 600 евра за м2. Станува збор за неколкукратно повисока сума од онаа по којашто ја купуваат гаражата.
Градот притоа воопшто не ја зема предвид купопродажната цена која е одлика на пазарната вредност на паркинг местата, кои ги купуваат во станбените објекти, особено во оние кои се лоцирани надвор од централното градско подрачје и во објекти коишто се постари од пет години. Тие велат дека Градот врз основа на методологија прави процена на недвижниот имот која не ја отсликува реалната пазарна вредност, па врз основа на тоа плаќаат многу високи суми за данок на промет. Го поткрепуваат ова нивно тврдење со конкретни примери, па така велат дека за гаражно место во станбена зграда, која не е во централното градско подрачје, во објект постар од пет години, на пример во Аеродром, Ново Лисиче, градот врши проценка и утврдува данок на промет од 3 отсто на многу повисока вредност од купопродажната.
Само за илустрација, ако паркинг местото граѓаните го купуваат за 100 евра за м2 во објектите во Ново Лисиче, градот го проценува од 500 до 600 евра за м2. Тоа значи дека за гаражно место од 20 м2 ако реалната пазарна вредност изнесува 2.000 евра, а градот го проценува на 10.000 евра и на тоа наплаќа данок од 3 проценти, односно 300 евра. Доколку пак, градот ја земе предвид, купопродажната цена од 2.000 евра, данокот би изнесувал само 60 евра, што е разумна цена за данок, коментираат и купувачите и градежните компании. Разликата е огромна, пет пати е поголема сумата што треба на име на данок на промет да ја плати купувачот, врз основа на проценката што ја прави градот, не земајќи ја притоа во предвид пазарната вредност, односно цената по којашто е купена гаражата.
Има уште многу примери, па ако гаража од 15 до 20 м2 во Аеродром чини околу 3.500 евра, што значи околу 200 евра од м2, градот го проценува на 600 евра за м2, и наплаќа данок на промет од 3 отсто, односно 400 евра.
Граѓаните заедно со градежните компании веќе неколку години се обидуваат со писма, реакции, жалби, иницијативи преку градежните компании да им укажат и на градот Скопје и на Министерствата за финансии и за транспорт и врски, но од таму веќе со години само си ја префрлаат топката од една во друга институција и не преземаат ништо за да направат промена и да ги усогласат нивните проценки со реалните, пазарните цени на гаражите. Практично тоа ќе значи поедноставување на постапката, особено ако при проценката на недвижноста се земе предвид локацијата и годината на градба. Граѓаните бараат реална проценка и да се промени методологијата да се усогласува еднаш годишно, за што показател ќе бидат статистичките податоци, кои пак го следат трендот на пазарната вредност на недвижностите во земјава.
Наместо Град Скопје да го реши проблемот со паркингот со ова придонесува и тој слободен паркинг да не се користи и да не се купува поради висината на големиот данок.