ГРОМ: Kривична одговорност за пратеникот кој пееше туѓа химна, телохранителот кој пукаше во народот

Барањето одговорност само од одделни граѓани кои учествуваа во тепачката во Парламентот, а не и од иницијаторите на инцидентот, е делење селективна правда, а селективната правда е неправда, се наведува во изјавата од вторникот вечерта на партијата Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) и побараа кривична одговорност за пратеникот кој пееше химна на туѓа држава, како и за телохранителот на СДСМ кој пукаше меѓу народот.

Членовите на Извршниот одбор, се наведува во соопштението на ГРОМ, оценуваат дека двегодишното политичко насилство од политичарите врз граѓаните, на 27 април се претвори во физичко насилство од народот врз политичарите и дека тоа е уште една потврда дека политичарите мора сериозно да размислат околу тоа колку говорот на омраза влијае врз подгревање на страстите кај одделни граѓани.

„Физичкото насилство не го одобруваме и мора да има правна одговорност. Но, да се бара кривична одговорност само од народот, а не и од инспираторите значи да се „удира“ по последиците, но не и по причините. Одговорност мора да понесат сите: одделни лидери на партии, граѓани и пратеници“, се вели во соопштението на ГРОМ.

ГРОМ бара кривична одговорност за пратеникот кој пееше химна на друга држава од говорницата на македонскиот парламент, за лидерот на партијата кој на прес-конференција самиот изјави дека тој имал сценарио, за извршителите на сценариото кои грубо го прекршија Уставот и Деловникот за работа на Собранието и кривична одговорност за телохранителот кој испука два куршума меѓу гневните граѓани и оној кој држеше вперен пиштол во нив, се наведува во соопштението.