ГРОМ: Заев ја отвори Пандорината кутија

Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) веќе две години предупредува дека во Република Македонија ќе се инсталира марионетска влада чијашто задача е да ги урниса македонските национални интереси и да „им заврши“ работа на соседите, реагираа од оваа партија на изјавите на премиерот Зоран Заев дадени во врска со односите со соседните држави измнатиот период.

„Вчера, претседателот на квислиншката влада Зоран Заев, наместо да оди во Росоман кај производителите на праски кои го фрлаат својот род по улиците затоа што цената на килограм праски е 3 денари, тој отиде во Софија да ги продава македонските национални интереси“, се истакнува во соопштението на ГРОМ.

Се истакнува дека Заев со еден „потег ги помножи со нула“ претходните македонски претседатели Киро Глигоров, Борис Трајковски и „иконата на СДМС“ Бранко Црвенковски и сите претходни премиери и како „најпаметен“ прифати се што Бугарите побараа.

„И по сево ова, нормално е Бугарите да го фалат Заев, зашто ваков како него тие бараат од 1944 година наваму“, велат натаму од ГРОМ.

На Заев му порачуваат дека со со прифаќањето на заедничка историја со Бугарија и заедничко славење на празниците им ја потврдува тезата „еден народ – две држави“.

„За каква заедничка историја зборувате?“, прашуваат од ГРОМ во обраќањето до јавноста во коешто се поставени и прашањата „Заедно ли ги стрелавме 13-те младинци од Ваташа? Заеднички ли ги мачевме, па потоа стрелавме 19-те селани од село Дабница прилепско? Дали заедно ги убивме во Велес Страшо Пинџур, Мирче Ацев? заедно ли го фрливме од вториот спрат на полициската станица во Скопје Цветан Димов? Заедно ли ги убивме водачот на македонското револуционерно движење Кузман Јосифовски Питу кој е убиен на 800-ини метри оттука? Кој ги уби браќата Даневи и нивните соселани од селото Долани штипско? Впрочем, заедно ли ги депортиравме 7.144 еврејски души во Треблинка?“.

Од ГРОМ велат дека може да се зборува за национално помирување како што тоа го направија Франција и Германија, но не и за заедничка историја.

Велат уште дека бугарскиот премиер Бојко Борисов, при неговата следна посета на Скопје треба да се поклони пред пред споменикот на ваташките младинци, а не пред Цар Самоил, а оти Илинден можеме да се слави како заеднички верски празник, зашто и Бугарите го слават свети Илија, но, никако како Илинденско востание“.

„Што ќе славиме заедничко на Илинден: тоа што Бугарите ги прелажаа илинденците – ’само вие дигнете востание, ние ќе ви пратиме 100.000 штикови (војници) да помогнат во ослободувањето на Македонија“, прашуваат од ГРОМ.

„Заеднички ли ќе треба да ја славиме бугарската измама за да се крене востанието и да бидат убиени најголемите македонски револуционери, за потоа, на нивно место да се инсталираат пробугарските револуционери?“

На крајот, во соопшенеито на ГРОМ се поставува и прашањето „од кој историја ќе учат учениците, односно кој ќе ги пишува учебиците, дали бугарските историчари, а нашите ќе ги прогласиме за фалсификатори?“.