
Станува збор за политички процес што се води против мене, како и сите други обвиненија на Специјалнот јавно обвинителство (СЈО), со цел да се одвлече вниманието од промената на името и јавноста да се занимава со неговото секојдневно одење на суд, изјави за новинарите во понеделникот поранешниот премиер, Никола Груевски, по рочиштето за случајот „Тенк“, односно набавката на „мерцедесот“ од 600 илјади евра, во кој покрај него, обвинети се и екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски.
Ваквото мислење Груевски претходно го искажа и во текот на денешното рочиште, на што реагираше судијката Добрила Кацарска, која го опомена да не зборува за политика во судница.
„Јас не би мешал политика, да не е ова политички процес. Може и новинарите да станат вештаци. Ова е брука од суд“, рече Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е негов гласот на снимките за „мерцедесот“ што го нарачувало МВР, Груевски повтори дека процесите против него се водат за да се дефокусира јавноста од другите теми.
Неговиот адвокат, Димитар Дангов, побара од судијката Кацарска во вторнике да не се одржува рочиште за случајот „Тенк“, за да може одбраната да се подготви за судењето за случајот „Траекторија“, во кој Груевски, исто така, е еден од обвинетите. Судијката го прифати барањето и следното рочиште за „Тенк“ го закажа за во петок.
Инаку, на денешното рочиште одбраната на Груевски и Јанкулоска приговараше и го спореше користењето на „бомбите“ како доказ во постапката, вештачењата, како и надлженоста на СЈО во овој случај. Судот ги одби сите пет приговори на одбраната.