Премиерот Никола Груевски на вечерашнот митинг кој се одржа во Гевгелија истакна дека во новата програма предвидуваат воведување на државна квота во втор и трет циклус на студии на универзитетите во Македонија, со што, како што рече, ќе се стремат да ги задржат најквалитетните студенти од секоја генерација.
„Владата на Македонија ќе го утврди бројот на квоти на студенти ослободени од плаќање на уписнина на докторски на магистерски студии и специјализации кои ќе се доделуваат на годишно ниво“, посочи Груевски.
Како дел од проектите кои се однесуваат за образованието, Груевски истакна дека ќе продолжат со реконструкции и градби на нови училишта кои се точно наведени во новата партиска прогрма „Проверено“.
Груевски додаде дека ќе бидат набавени и 300.000 нови таблет компјутери со тастатура за македонските ученици во основното и средно образование.