Група европратеници планираат оспорување на поддршката на ЕП за реформите на пазарот на струја во ЕУ

Група членови на Европскиот парламент, предводени од францускиот европратеник Кристоф Грудлер од редовите на центристичкото Демократско движење (МоДем) планираат во вторник да поднесат „формален приговор“ со кој ќе ја оспорат одлуката на ЕП за поддршка на предложените реформи на пазарот на електрична енергија во ЕУ.

Европската комисија во март поднесе предлози за реформа на пазарот на електрична енергија во ЕУ, со цел да се ограничи растот на цените на струјата за крајните потрошувачи, предизвикан од руската инвазија на Украина.

Додека во Советот на ЕУ, земјите-членки се уште преговараат за предложените реформи, Комитетот за индустрија, истражување и енергија на Европскиот парламент на 19 јули по скратена постапка усвои Препорака со која се прифаќа предлогот на Еврокомисијата, со одредени измени.

Скратената постапка значи дека Европарламентот не треба да гласа за предлогот на пленарна седница, освен ако не биде покренат „формален приговор“ од страна на квалификувано мнозинство европратеници.

Според процедурата, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола на утрешниот старт на септемвриското пленарно заседание треба да објави дека Препораката за реформите е усвоена во јули, но доколку иницијативата на Грудлер добие поддршка од најмалку 72 европратеници, тогаш ЕП в среда би требало да се изјасни по неа на пленарната седница.

Предлогот на ЕК предвидуваше можност за инвестиции во нови постројки за производство на електрична енергија, но и за обнова на постојните капацитети, вклучително и за нуклеарните централи, без да се прецизираат некакви ограничувања.

Но, со одредите од Препораката одобрена од парламентарниот Комитет за индустрија се ограничуваат можностите за финансирање за изградба на нови нуклеарни централи и за одржување на постојните.

Приврзаниците на „приговорот“ на Грудлер не се согласуваат со ваквиот предлог и велат дека сакаат да се обезбедат повеќе опции за финансирање на постоешките нуклеарни централи во рамките на реформираниот пазар на електрична енергија на ЕУ.

– Сегашната позиција на Парламентот го уништи предлогот на Европската комисија, кој би овозможил да се финансираат постоечките нуклеарни централи преку механизми за субвенционирање за кои моментално се преговара како дел од реформата, изјави Грудлер за „Еурактив“.

Иницијативата на Грудлер досега доби поддршка од околу 50 европратеници, но дури и да успее да ги обезбеди неопходните 72 потписи за покренување на „формалниот приговор“, тој треба да биде поддржан со просто мнозинство гласови од присутните пратеници на седницата, за да може да биде остварена неговата цел Европскиот парламент да гласа за Препораката за реформите на пазарот на електрична енергија.

Според „Еурактив“, шансите за усвојување на инцијативата на Грудлер се мали, имајќи предвид дека при гласањето за Препораката на седницата на Комитетот за индустрија, истражување и енергија во јули, таа беше поддржана од над 80 проценти од европратениците членови на ова тело.

Дополнително, главни противници на реформите се пратениците од редовите на екстремната левица и екстремната десница, како и дел од француските конзервативни и центристички европратеници, чии вкупен број не е доволен за отфрлање на Препораката.

Сепак, според „Еурактив“, иако има мали шанси за усвојување на приговорот, тој ќе ги изнесе на виделина поделбите во Европскиот парламент околу нуклеарните централи, кои Париз би можел да ги искористи за време на „тријалогот“ за реформите на пазарот на електрична енергија во ЕУ.