Гужва на Табановце. Според информациите од Автомото сојузот на Македонија, на овој граничен премин се чека и до 30 минути.
На останатите гранични премини и покрај зголемената фреквенција, нема подолги задржувања за влез и за излез од државата, соопшти Автомото сојузот на Македонија во извештајот за состојбата на патиштата во 18 часот.
Од АМСМ, напоменуваат дека информацијата се однесува само за македонската страна на премините.
Гужва и на патиштата низ Македонија
Инаку поради престојниот продолжен викенд и поради екот на летната туристичка сезона покрај тоа што има гужва на Табановце, сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е со зголемен интензитет.
Сообраќајот на сите државни патишта се одвива по наместа влажни коловози, информира АМСМ.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.
На дел од патиштата се гради
Градежното Друштво “Гранит” АД Скопје (Р.Е. Свети Николе – Штип) изведува градежни работи на магистралниот пат А4, делница Свети Николе – Штип од 26+396,00 до 47+107,00 км. Се планира целосното затворање до целосно завршување на активностите (период од 2 години) на делницата, на потег км 28+520 (Свети Николе) до км 38+500 (постојана клучка Кадрифаково), со пренасочување на сообраќајот преку регионалниот пат P 1204.
– Поради изведување работи на мостовите и асфалтирање на патниот правец Велес – Скопје (од Штипска клучка до тунелот Катланово) сообраќајот се одвива по една коловозна лента, за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.
– Поради извршување на градежни активности на државниот пат А3, делница Велес – Кадрифаково, сообраќајот се одвива под времен режим на сообраќај, и тоа: од крајот на трета лента (депонија Велес) до с. Лозово и од с.Лозово преку с.Сарамзалино до клучка Кадрифаково.
На сите овие патни правци за изведувањето на градежните работи има поставено соодветна патна и сообраќајна сигнализација.