Изговорот на еврокомесарот Јоханес Хан дека немал време да одговори на барањето на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ е апсолутно неиздржан, сметаат аналитичарите.
Хан ќе се сретне со политичките претставници. Вистина е дека има и други барања и често кога тој патува во земјата, ние се обидуваме да се сретнеме со што е можно повеќе соговорници, вклучително и со такви од граѓанското општество. Но, овојпат комесарот ќе се сретне само со политичките претставници, бидејќи неговата агенда не дозволува повеќе, соопшти портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, откако во името на граѓанската асоцијација „За заедничка Македонија“, еден од нејзините предводници Игор Дурловски, побара нивни претставници да се сретнат со еврокомесарот Хан, придружуван од тројца пратеници од Европскиот парламент за време на посетата во Скопје.
Еврокомесарот Хан пристигна во Македонија претпладне, а средбите со политичките лидери ги започна дури попладнето, велат аналитичарите, а освен тоа и претседателот Ѓорѓе Иванов, кој за време на посетата не беше во државата и најави дека нема да оствари средба со еврокомесарот, го отстапи времето предвидено во агендата на Хан за средба со претставници на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, па оттука, според познавачите, единствената причина да нема средба е поради инструкциите кои ги добил пред да дојде во Македонија.
Според универзитетскиот професор и аналитичар Александар Даштевски посетата на Хан во земјава беше во насока на се она што се случува две години наназад, а тоа според него е ослабување на партијата ВМРО-ДПМНЕ до оние граници кога тие ќе можат да ги контролираа, а со тоа да ја контролираат и државата, што како што вели, е крајната цел на меѓународната заедница.
Сметам дека Хан отворено ги изразува ставовите на структурите кои ја направија кризата во земјава и ги одложија изборите, односно кои правеа не само предизборен, туку и пост изборен инжењеринг, кој се состоеше во тоа да се сврти резултатот, а потоа и да ги свртат и албанските партии кои се контролирани од странците, вели тој во изјава за Нетпрес.
Според него Хан не се сретнал со граѓанските здруженија затоа што добил такви инструкции од овие лево ориентирани странски структури.
Сметам дека Хан не се сретна со претставници од иницијативата „За заедничка Македонија“ затоа што му биле дадени такви насоки и затоа што тие што му ги дале сакаат во Македонија да се направи влада по нивни терк, како што тие ја замислиле, а тоа подразбира и ослабување на партијата ВМРО-ДПМНЕ, а еден од начините за тоа е преку СЈО и да се намали влијанието на оваа партија во државата а новата Влада да може да биде контролирана од странство. Тука влегува и двојазичноста на државата, промена на идентитетот на народот, химната, знамето, грбот и уставното име на Македонија што директно води кон федерализација на земјата, а граѓанската иницијатива е токму против овие работи и против федерализација. На ЕУ не и одговара средба со нив, тука не станува збор дека еврокомесарот немал време, како што беше посочено, тој во Македонија дојде претпладне, а разговорите со партии ги започна попладне, така што не држи вода изговор дека немал време, туку тој едноставно не сакаше да се сретне со нив бидејќи е јасно како дека нема за што да разговара со граѓанската иницијатива со која имаат дијаметрално спротивни ставови, посочува Даштевски.
Аналитичарот Александар Пандов, пак потсетува дека ова не е првпат меѓународни претставници да одбијат средба со граѓански здруженија во земјава.
Ќе потсетам дека лично јас минатата година имав слично искуство, кога во земјава дојдоа меѓународни претставници и кога требаше да биде остварена средба помеѓу граѓанските здруженија и невладините организации. Да потсетам дека тогаш тие се сретнаа со дури педесетина претставници од невладиниот сектор, а не најдоа време само за средба со граѓанското здружение ГДОМ кое во тој период беше доста активно. Навиката на европските дипломати за средби со граѓански здруженија и невладини организации се сведува само на средби со оние кои се финансирани од нивната страна или пак од фондациите на Џорџ Сорос. Едноставно зачудува фактот кога истите тие меѓународни претставници доаѓаат и говорат за демократија, за владеење на право, за слобода на говор, a притоа да немаат слух и да се сретнат со најповиканите, односно оние кои се најгласни овој период, а тоа е граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, посочува за Нетпрес, Александар Пандов.
Тој ја поздрави одлуката на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов да го отстапи терминот предвиден за средба помеѓу него и Хан за средба со ова граѓанско здружение, но вели дека и покрај тоа еврокомесарот, за жал, останал глув за нивните барања.
Инаку, за разлика од завчерашната посетата на Хан и тројцата европратеници Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл, за време на претходната посета на земјава во октомври минатата година, еврокомесарот оствари средби со претставници на над 50 невладини организации и граѓански здруженија.