Еквадор се соочи со серија насилни инциденти во вторникот, вклучително и напад од вооружени криминалци на течевизиска станица во етерот, бидејќи претседателот Даниел Нобоа назначи 22 банди како терористички организации и воени цели.
Полицијата уапси 13 вооружени лица кои ја презедоа телевизијата TC во текот на преносот во живо, додека најмалку седум полицајци беа киднапирани на друго место и се случија неколку експлозии низ целата земја.
Даниел Нобоа, кој ја презеде претседателската функција во ноември ветувајќи дека ќе стави крај на насилството поврзано со трговијата со дроги, прогласи 60-дневна вонредна состојба во понеделникот како одговор на затворското насилство, вклучително и земањето затворски чувари како заложници од затворениците и наводното бегство на шефот на бандата Лос Чонерос, Адолфо Масијас за време на викендот.
Во ревидираниот декрет во вторникот, Нобоа призна „внатрешен вооружен конфликт“ и назначи дваесетина криминални организации како терористички групи, вклучително и Лос Чонерос.
Владата рече дека насилството било реакција на планот на Нобоа да изгради нов затвор со високо обезбедување и да ги префрли затворените водачи на банди.
„Денешните настани покажуваат дека дејствијата и одлуките што ги презема националната влада имаат сериозно влијание врз криминалните структури и како одговор тие создадоа бран на насилство за да го заплашат населението“, рече адмирал Хаиме Вела, шеф на заедничката команда на вооружените сили, по безбедносниот состанок со Нобоа и други официјални лица.
„Сите групи споменати во декретот на Нобоа сега се воени цели“, додаде Вела.
Преместувањата на водачите на бандите во други затвори затвори доведуваа до насилство и претходно, а стотици затвореници беа убиени во последните години.
Немирите во Еквадор ја поттикнаа владата на Перу да прогласи вонредна состојба долж границата со Еквадор, додека Бразил, Колумбија и Чиле ја изразија својата поддршка за еквадорската влада.
Заземањето на студиото на телевизијата TC во Гвајакил се пренесуваше во живо околу 20 минути, во текот на кои луѓе облечени во црно носејќи фантомки и различно оружје ги принудувале вработените да легнат на подот. Во директниот пренос се слушаа истрели и извици, а дел од напаѓачите покажуваа кон камерата. Се слушаа и нечии извици „нема полиција“.
Просториите на TC, која емитува програма на национално ниво, се наоѓаат во истата зграда со уште една јавна телевизија Gamavision и неколку радио станици. Напаѓачите влегле преку рецепцијата на Gamavision, го нападнале персоналот таму и оставиле зад себе динамит, изјави за Reuters претходно во вторникот координаторот на вестите и известувач на TC, Леонардо Флорес Морено, додека операцијата за повторно заземање на локацијата сè уште беше во тек.
„Бевме на состанок и навреме бевме предупредени па успеавме да се скриеме“, изјави Флорес.
Полицијата соопшти дека нивната операција резултирала со заплена на експлозиви и оружје, а полициските објави на социјалните мрежи покажале млади мажи клекнати на подот со врзани раце зад грб.
„Сите заложници се ослободени… сторителите ќе се соочат со правдата и ќе бидат осудени за терористички дејствија“, соопшти полицијата на социјалната мрежа X.
Телевизискиот канал го врати емитувањато во етерот во терминот за своите вечерни вести, а водителите рекоа дека лица од канцеларијата на јавниот обвинител се на местото на настанот и собираат докази. Двајца вработени се повредени, објави каналот.
Во јужниот град Мачала, Кито и провинцијата Лос Риос, седум полицајци биле киднапирани во три одделни инцидента, соопшти претходно полицијата. Тројцата полицајци киднапирани о Мачала се ослободени доцна во вторникот, соопшти полицијата, и додаде дека десет лица се уапсен во таа операција
Полицијата ги потврди експлозиите во Есмералдас и Лос Риос, додека канцелариите на градоначалниците во Куенка и Кито потврдија други, а канцеларијата на јавниот обвинител соопшти дека истражува една во Гвајакил. Локалните медиуми јавуваат за дополнителни експлозии во Лоја и Мачала. Властите не ја наведоа причината за ниту една од експлозиите и никој не ја презеде одговорноста.
Затворската агенција SNAI претходно во вторникот соопшти дека група затвореници избегале од казнено-поправниот дом во Риобамба, вклучувајќи го и обвинетиот член на бандата Фабрисио Колон Пико, кој наводно бил вклучен во заговор за напад на државниот обвинител. Седумнаесет од 39-те бегалци беа повторно фатени, соопшти обвинителството.
Ослободени се 11 затворски чувари кои беа земени како заложници во изминатите два дена, додаде SNAI, но 139 чувари и другиот персонал сè уште се во заложништво.
Локалните власти во Гвајакил соопштија дека имало инциденти за „преземање“ во пет болници во најголемиот град во земјата, но дека полицијата и војниците го вратиле редот. Сѐ уште не е јасно за што точно станува збор.
Некои Еквадорци веќе ги доведуваат во прашање напорите на Нобоа да го контролира насилството. Нобоа планира да одржи референдум оваа година фокусиран на безбедносните напори. Насилните смртни случаи на национално ниво се искачија на 8.008 во 2023 година, соопшти владата, речиси двојно повеќе од бројката во 2022 година од над 4.500.