ХЕРА: Младите имале ограничен пристап до информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје за време на Ковид-19

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување денеска одржа Конференција на која пред присутните го сподели Истражувањето за влијанието кое Kовид-19 пандемијата го имаше врз сексуалното и репродуктивно здравје и права кај младите во Македонија, спроведено од и меѓу младите од пет балкански земји, во рамки на проектот „Младите зборуваат, младите одбираат”. Истражувањето ги документира потребите и искуствата на младите при барање и користење на информациите и услугите за сексуално и репродуктивно здравје, но, истовремено и ставовите и потребите на давателите на овие услуги и останатите релевантни чинители.

Истражувањето покажа дека младите се соочиле со сериозни потешкотии да дојдат до информации и услуги поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје во време на Ковид-19 пандемијата што довело до зголемено чувство на несигурност кај нив. Информациите се „затрупани” поради преголемиот обем на податоци за Ковид-19, или, пак, поради фактот што недостигаат национални интернет страници што се релевантни и може да им се верува.

Чувството на страв и анксиозност кај младите мајки поради слабата информираност за Ковид-19 влијаело на нивната здравствена безбедност на повеќе нивоа – како и кога да се дојде до лекар и да се закаже преглед или телефонска консултација заради нивна недостапност, но, и каде да се добие релевантна информација за тоа како влијаат ковид- 19 и вакцината против вирусот врз развојот на плодот, но и врз бебињата кои се дојат.

Кај младите Роми, предизвиците кои постоеле и пред пандемијата се продлабочиле заради постоечката и непрекината дискриминација, но и заради високиот број на здравствено неосигурани кои практично и немале пристап до услуги за време на пандемијата. Кај нив, непоседувањето на компјутер или било каков дигитален уред, дополнително го отежнал пристапот до информации за сексуално и репродуктивно здравје.

Суда Дехари, членка на младинската група формирана во рамки на проектот, во своето излагање истакна: „Факт е дека кај Ромите клучниот проблем е образованието и пристапот до интернет. Ромите, особено во руралните средини, навистина се соочуваат со потешкотии односно недоволна информираност, немање пристап до интернет, недоволна писменост за дигитализација.”

ЛГБТИ младите имале најголема потреба од психо-социјално советување и грижа за менталното здравје заради фактот што постоечката општествената стигма, недовербата во институциите на системот, дискриминацијата од здравствените работници, била само надополнета со ковид-19 пандемијата, што придонело до поголема социјална изолација и анксиозност кај овие млади.

Даниел Проданов, член на младинската група рече дека : „Поради изолацијата и полициските часови кои беа воведени како превентивни мерки за време на ковид-19 пандемијата, младите ЛГБТ луѓе беа принудени да се вратат во своите домови и таму да ги поминат деновите во изолација. Голем дел биле изолирани од своите врсници и делеле ист кров со родителите кои не ги прифаќаат како лица од оваа маргинализирана заедница.”

Генерално, постои незадоволство кај младите од одговорот на институциите на системот за решавање на случаи со родово и сексуално-базирано насилство, особено за сузбивање на насилството кое во голема мера се случува на социјалните медиуми врз девојките.

Истражувањето јасно покажа дека сексуалното и репродуктивното здравје и правата имаат суштинско значење за менталната и физичката благосостојба на една млада личност. Клучно е континуираното безбедување на квалитетно и достапно сексуално образование, информации и пријателска грижа за сексуално и репродуктивно здравје кај сите млади луѓе и тоа пред, за време и по секоја криза.

Младинската група формирана во рамки на проектот во наредниот период ќе застапува пред институциите на власта за подобрување на пристапот до информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје.