„И јас и ти-сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“- Кампања за безбедност на пешаците

кампања

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, РСБПС, со МВР и Факултетот за безбедност, од денеска започнуваат кампања за подобрување на безбедноста на најранливата категорија учесници во сообраќајот – пешаците. Кампањата е под мотото, „И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“. „Пешаците се најмасовна и најранлива категорија учесници во сообраќајот, а истовремено и најмалку контролирана и најмалку санкционирана. Има повеќе причини зошто тие страдаат во сообраќајни незгоди“, соопштија од РСБСП. Според анализите, најчести причини заради кои пешаците страдаат во сообраќајни незгоди се: непочитување на сообраќајните правила и прописи, поминување улица надвор од пешачки премин, претрчување преку улица,  преминување на црвен пешачки семафор, движење во услови на намалена видливост (дожд и магла), преминување помеѓу две коловозни ленти, преминување помеѓу возила во движење, користење мобилен телефон или слушалки, непотребно и долго задржување на коловозот (особено карактеристично кај повозрасните) и слично.

„Пешаците ајчесто страдаат во сообраќајни незгоди во услови на намалена видливост (магла), во раните утрински и во доцните вечерни часови, на неосветлени коловози или на неосветлени пешачки премини“, информираат од РСБПС и додаваат дека, најчести жртви во сообраќајни незгоди има во урбани средини, на места каде што нема пешачки премини и на неосветлени места. Затоа се препорачува пешаците да користат батерија или рефлектирачка облека (пр. рефлектирачко елече или други рефлектирачки додатоци) кога се движат ноќе или во услови на намалена видливост, да преминуваат коловоз на означени пешачки премини, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да го прифатат пешачењето како алтернативна форма на сообраќај.