Игор Стефановски има посебна врска со Имола и најдоброто од себе го вади на легендарната италијанска патека, на која денеска се избори за прв подиум оваа сезона.
На првата од двете предвидени трки на Имола во ТЦР Италија, популарниот Иџе заврши веднаш зад првопласираниот Чекон, а интересно е да се напомене дека трка беше навистина возбудлива и првите двајца беа во „костец“ и блиску еден до друг во последниот круг.
Македонскиот возач заврши со задоцнување помало од секунда зад победникот на денешната трка, додека зад себе го остави рускиот возач Леонов кој немаше никаква шанса за напад.
Стефановски првпат го развиори македонското знаме на Имола како победник во 2016-та година, а националните обележја одново беа во фокусот на денешниот пиедестал во чест на македонскиот шампион.
Утре на програмата е втората трка на Имола, а Иџе ќе се обиде да дојде до шестиот подиум на својата омилена патека.