Ирачкото министерство за надворешни работи во неделата го демантираше тврдењето на новинската агенција Reuters дека Ирак му дозволил на Иран да распореди балистички проектили со краток дострел во територии населени со ирачки шиити, ден откако и официјални претставници на Техеран ги нарекоа ваквите извешти „лажни вести“ со цел да ги расипат иранските односи со соседите и да влејат страв во регионот.
„Ирак нема обврска да одговара на медиумски извештаи кои се без никакви докази и со непоткрепени тврдења. Сите институции во Ирак го почитуваат членот 7 од Уставот кој забранува употреба на ирачката територија за операции кои претставуваат закана за други држави“ соопшти ирачкото министерство.
Владата на Ирак, во која доминантна улога имаат шиитските партии, негува блиски односи со соседен Иран, од каде доби значителна поддршка за справување со сунитската Исламска држава.
Според тврдењето на Reuters кој се повикува на неименувани ирачки, ирански и западни извори, Иран распоредил десетина балистички проектили во Ирак, при што овие ракети, доколку бидат распоредени во јужните или западните делови на земјата, би можеле да ги погодат Ријад или Ерусалим.
Иран е во вековен ривалитет со сунитските држави во регионот, пред се’, со Саудиска Арабија, на повеќе фронтови, вклучително во Сирија и Јемен. Проектили им биле доставени на групи блиски до Иран, а тие наводно добиле инструкции како и самите да изработат балистички проектили.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео изрази длабока загриженост поради наводното распоредување на овие проектили. Тој ги повика ирачките водачи да ја сменат сегашната Влада бргу по изборите закажани за 12 мај