Во Основниот граѓански суд – Скопје денеска се одржа рочиште за тужбата за оштетното побарување на бизнисменот Орце Камчев од обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева во случајот „Рекет“.
На денешното рочиште, тужителот Камчев ја повлече тужбата против Зоран Милески-Кичеец, кој, покрај Јовановски и Јанева, беше еден од тужените од кои Камчев претходно бараше да му се исплати штетата.
Лично му ги дадов еден милион евра на Бојан Јовановски по претходна направена спецификација. Предавањето беше во мојот салон, додека бев во домашен притвор, објасни денеска тужителот Орце Камчев.
„Парите ги донесе Мирјана Бошкова во ‘адидас’ спортска торба, Боки ги виде и ги преброи. Потоа парите беа ставени во торбата ‘Луј Витон’ и предадени на Бојан. Во куќата беше и Зоран Милевски. Парите беа покриени со весници, а Боки коментираше зошто биле од по 50 евра а не поголеми“, рече Камчев.
На ова Бојан Јовановки реагираше за тоа тужителот да не го менува исказот дали ги преброил парите.
Камчев беше прашен и кој ја изнсол торбата од куќата.
„Торбата од мене ја зема Бојан и му ја даде на Милевски кој ја изнезе од куќата“.
Камчев, хронолошки ги образложи случувањата преку кои тој смета дека му е нанесена штетата.
– Средствата кои што ми беа изнудени и кои што ги барам како отштета согласно и вештачењето што е доставено, се мои сопствени средства кои што биле предавани преку други лица наведени во постапката, а за кои средства и во вештачењето е потврдено дека се пренесени од мојата трансакциска сметка и за кои средства е платен данок на Република Северна Македонија, рече Камчев.
Тужениот Бојан Јовановски во својот исказ истакна дека целосно го отфрла оштетеното побарување.
– Целосно го отфрлам оштетеното побарување од причина што во целост го негирам делото за кое сум правосилно осуден. Пред овој Суд истакнувам, покрај тоа што го негирам делото и покрај правосилната пресуда, дека ќе дојде момент кога ќе се утврди вистинската фактичка состојба. Затоа испраќам апел преку овој Суд и јавноста која е присутна на ова рочиште до највисокиот Суд да овозможи повторување на постапката поради тоа што има многу недоречености и контрадикторности кои за жал денеска претставуваат правосилни факти за чија пресуда денеска сме овде, рече Јовановски.
Во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки доби затвор од девет години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, додека Јанева е осудена на седум години затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителниот акт, Бојан Јовановски влијаел врз Катица Јанева, за таа да бара поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја“, случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство.