Едни објавуваат факти и извештаи, врз база на извршени анализи, други негираат дека е така и „се вадат“ дека работат одговорно и немаат никаква вина при водењето на документацијата на осигурениците. Која и да е вистината, очигледно е дека пропусти има и дефинитивно е крајно време Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) да почне да води точна и навремена евиденцијата за осигурениците.
Државниот завод за ревизија, ДЗР, излезе со податок дека, заклучно со 17 јуни 2019 година, пропусти во пензискиот стаж има кај 4.210 граѓани кои ја постигнале возраста за пензионирање, а поради неажурно евидентирање на документите во ПИОМ. Главно, станува збор за вработени од сега веќе ликвидирани фирми, чии документи ги нема ни во Државниот архив. Од ПИОМ веднаш одговорија со демант, дека не се виновни, не се во можност да внесат податоци за некои осигурениците поради немање на механизми за докажување на платен пензиски придонес за периодот во осигурување, односно непостоење на документи.
Но, од ПИОМ не објаснија зошто за добар дел осигуреници, за кои фирми плаќале придонеси за пензиско осигурување, немаат евиденција, што посебно се однесува за периодот кога во ПИОМ рачно се внесуваа податоците. Многу граѓани се соочиле и се соочуваат со овој проблем во време кога треба да заминат во пензија. Па, самите почнуваат потрага по документи. Ако ги најдат во Архив, добро. Ако не, отидоа годините стаж, а со тоа и реалниот износ на пензијата што треба да ја примат, но со тоа им се пролонгира и времето на првата исплата, додека ги стокмат документите.
ДЗР излезе и со еден уште пострашен податок, дека Фондот на ПИОМ исплатил речиси 4 милиони евра за пензии, на веќе починати лица. ПИОМ демантираше и соопшти дека е непотполна информацијата, а износот од 241,604 илјади денари е за евидентирани побарувања од 2007 година, заклучно со 31.12.2018 година. ПИОМ соопши и дека за надминување на овој проблем во 2016 година склучил Договор за електронска размена на податоците за починати лица со Управата за водење на матични книги, а претходно немал друг начин да добие податок, освен ако член на семејството не ја дојави смртта, или не поднесе барање за исплата на солидарен фонд.
Значи, до пред три години ПИОМ немал начин да потврди дали лицето на кое му се исплаќа пензија е починато или не !!?
Сепак, ДЗР објави дека до 30.9.2018 година имало ненаплатени придонеси од 69 милиони евра, најголем дел од побарувањата на ПИОМ се за фирми што се во ликвидација или стечај, или чии сметки се блокирани и се во мирување. Дел од овие средства поради ненаплатливост се избришани. Отпишани се 19,5 милиони евра само во 2018 година. Во Извештајот е наведено и дека побарувањата врз основа на ненаплатен придонес застаруваат за 10 години, што значи дека оние од пред концептот бруто-плата, веќе се застарени на крајот на 2018 година.
Во периодот од 1977 до 2005 година во Фондот внесот на податоците во Фондот се вршел рачно. До 1992 година за архивирање на документацијата се користела микрофилмска технологија, а за периодот од 1996 до 2005 година архивирањето се врши преку скенирање на М пријавите. Фондот нема архивирани документи за доставени М пријави за периодот од 1992 до 1996 година. Според некои анализи, од вкупно 2.594 микрофилмски ролни досега се дигитализирани 32 отсто и преостануваат уште 1.316 ролни за обработка со над 7 милиони документи. Како ќе се надмине овој проблем и кога ќе се внесат сите податоци, останува неизвесно.
Инаку, познато е дека Фондот за ПИОМ со години наназад работи во дефицит и дека значителен процент од буџетот на државата се издвојува за исплата на пензии. Познато е дека секое задолжување на владата, надвор или дома од банките, следи пред исплатата на пензиите. Според некои пресметки, околу 30 до 40 отсто од буџетот се префрлаат на сметка на МТСП за исплата на пензии и други социјални трансфери што се наметнува со години како многу сериозен проблен од страна на економистите, а според политичари, сѐ тече контролирано и испланирано и нема место за паника за испатата на пензиите.
Дополнително, ПИОМ го тресеа и чести афери, а последната беше на почетокот на 2019 година, кога се обелодени дека 19 милиони евра не се префрлани во вториот пензиски столб. Па, по интервенција на МТСП, на 12.000 осигуреници им се враќаа парите во период од 6 месеци. Никој не кажа детали што точно се случувало со парите, ниту пак, поднесе одговорност за аферата.