Десетици илјади Полјаци излегоа во неделата вечерта на улиците да го бранат членството на земјата во Европската унија, по одлуката на полскиот Уставен суд донесена во петокот кој го оспорува првенството на правосудниот систем на ЕУ со што се продлабочуваат несогласувањата меѓу Варшава и Брисел.
Споменатата одлука не ја признава надреденоста на законите на ЕУ над полските, и може да биде првиот чекор на патот кон излегувањето на Полска до Унијата, бидејќи се очекува дека од Брисел ќе следат реакции и санкции за Варшава.
Аналитичарите во ваквата полска одлука го гледаат почетокот на „правниот Полегзит“, што владата во Варшава го демантираше.
Полјаците кои ги поддржуваат опозициските партии се мобилизираа против идејата веќе наречена во медиумите како „Полегзит“ алудирајќи на процесот на истапувањето на Велика Британија од ЕУ – „Брегзит“, на повик на поранешниот полски премиер и претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, сега опозициски и челник на блокот на Европската народна партија (EPP).
„Десетици илјади луѓе во Варшава и во повеќе од сто полски села и градови дојдоа да протестираат против она што владата ѝ го прави на нашата татковина“, рече Туск обраќајќи ѝ се на масата со главно сините знамиња на ЕУ во полската престолнина.
Малку претходно во неделата Туск ги повика сонародниците да ја „одбранат европска Полска“. „Мораме да ја спасиме Полска, никој тоа нема да го стори наместо нас“, напиша на Twitter.
Полска и другите поранешни комунистички земји од централна и источна Европа влегоа во ЕУ по 2004 година, петнесеттина години откако во Полска синдикалното движење предводено од Лех Валенса со поддршка на Западот и влијателната Католичка црква го започна падот на комунистичкиот режим.
Членството во ЕУ и натаму има голема поддршка меѓу Полјаците доколу им се верува на анкетите, пишува AFP. Но агенцијата забележува дека односите меѓу Варшава и Брисел остро се влошија откако во 2015 година на власт дојде конзервативната партија Право и справедливост (PiS).
Последните несогласувања се однесуваат на правосудните реформи коишто полската влада сака да ги спроведе во намерата да ги раскине сите врски со комунистичкото минато. Меѓутоа, во ЕУ оценуваат дека реформите ќе ја загрозат независноста на правосудството и ќе доведат до слабеење на демократските слободи и владеењето на правото.
Во најновата епизода од судирите во петокот, полскиот Уставен суд ја оспори предноста на европските закони над полските, оценувајќи дека низата членови од европските договори се „неспоиви“ со Уставот на Полска. Брисел веднаш реагираше преку претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
„Нашите договори се јасни. Сите одлуки на Судот на правдата на ЕУ се задолжителни за властите на земјата членка, па така и за националните судови. Законите на ЕУ се надредени над националните закони, па и оние за уставните одредби“, инсистираше фон дер Лејен, додавајќи дека тоа го „признаваат сите земји членки на ЕУ“.
Во септември Европската комисија бараше Европскиот суд на правдата (ECJ) да ја казни Полска поради неимпелентирање на пресуда за укинувањео на дисциплинскиот совет на нејзиниот Врховен суд. ECJ сѐ уште не одговори на тоа барање.