Се вршат сите проверки по пријавите за подметнати бомби и таа првична наша констатација на крајот се потврдува: дека станува збор за лажни дојави, но постои протокол што мора да биде докрај испочитуван, во смисла на евакуација и целосна проверка, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Појасни дека речиси сите испратени пораки се идентични, иако „има варијација на тема во однос на оваа активност“. Притоа се трошат ресурсите на министерството, истакна Спасовски и оцени дека најважно е што се предизвикува вознемиреност.
„Најавив дека истрагата во овој дел е сосема при крај, се очекуваат потврди на одредени факти, а тоа се многу важни детали. Имаме веќе лица кои се осомничени и веднаш по потврдувањето на овие факти ќе работиме заедно со Обвинителството. Ќе се дадат насоки од Обвинителството. Ова е терористички акт и многу не се размислува кога посегнувате по вакви активности. Тоа беше случајот и со нападот на Собранието„, рече Спасовски.
Порача дека која и да е причината што внесува таков раздор и несигурност кај граѓаните и ги троши ресурсите, сторителите мора најстрого да бидат казнети.
„Ова се хибридни напади и тие напади знаат сега да бидат и многу поопасни и од конвенционалните. И тоа е целта на овие напади да предизвикаат несигурност кај граѓаните, паника, страв, да предизвикуваат нестабилност во државата, во институциите, да подгреваат одредени тензии“, рече министерот за внатрешни работи.
Спасовски, меѓу другото, оцени дека ова се случува затоа што геостратешката положбата и испреплетувањето на геостратешките интереси се посебно важни.
„Ние не сме изолиран случај“, потенцираше Спасовски, алудирајќи на сличните трегови кои се масовна појава изминатите седмици во соседна Србија, но и во другите земји во регионот.