Индија очекува 25 милијарди долари вложувања во производство на полуспроводници

Индија ги зголеми субвенциите за производство на чипови и екрани со цел да стане клучен играч во глобалните синџири за снабдување со овие производи, а министерот Раџеев Чандарасекар очекува дека мерките ќе привлечат вложувања во износ од најмалку 25 милијарди долари.

Индиската влада ги зголеми поттикнувањата за градење нови фабрики за полуспроводници и во моментов покрива половината од трошоците. Ќе финансира, исто така, и половина од трошоците на погоните за пакување на полуспроводниците. Најави и дека ќе го укине лимитот за вложувањата во производството на екрани.

Министерот Чандарсекар изјави дека владата разговара со многу глобални учесници во оваа дејност за вложувања во производството чипови во Индија, без да наведе конкретни компании.

„Се разговара во контекстот на повеќекратните пакети за поддршка и програмите кои ги најавија разни земји. Истакнавме (…) дека имаме искуство со развојот на електронската индустрија и понудивме основна инфраструктура потребна за започнување на производството“, изјави за медиумите индискиот функционер.

Минатата седмица конгломератот „Vedanta“ и тајванската компанија „Foxconn“ со индиската сојузна држава Гуџарат потпишаа договор за вложување на 19,5 милијарди долари во изградба на погон за производство на полуспроводници и екрани. „Vedanta“ е третата компанија која ја објави локацијата на фабриката за чипови, по конзорциумите „ISMC“ и „IGSS Ventures“.