Индиец осуден на двојна доживотна робија поради убиство на сопругата со кобра

Индиец е прогласен за виновен за убиство на неговата сопруга со каснување од кобра додека спиела, и ја доби ретко пресудуваната казна на двоен доживотен затвор.

Дваесет иосумгодишниот Соораj Кумар бил уапсен минатата година во својот дом во јужната индиска сојузна држава Керала, откако неговата соопруга починала од каснување на отровницата. Судот во округот Колам оваа седмица го прогласил Кумар виновен за убиство и труење на неговата 25-годишна сопруга, како и за претходен обид за убиство со помош на друга змија отровница, извести правничкиот портал Live Law.

Судијата М Маној го осудил Кумар на две последователни доживотни казни, но не го прифатил барањето на обвинителството за смртна казна, имајќи ја предвид возраста на осуденикот и можноста за реформи, известуваат во четвртокот индиските медиуми.

Жената била смртоносно касната од змијата во мај 2020 година додека веќе била на лекување од претходно змиско каснување само неколку седмици порано, што предизвикало сомнежи кај нејзиното семејство. Семејството тврдело дека сопругот ја малтретирал поради миразот.

Истрагата покажала дека Кумар стои зад двата обида, направил план кој вклучувал изнајмување змии и пребарувал на интернет за последиците од нивните каснувања. Се испоставило дека тој кобрата ја купил од ловец на змии од Калуватукалкал.

Индискиот Врховен суд неодамна предупреди на трендот на убиства со каснувања од змии во предмет во кој одбил кауција за жена и нејзин љубовник, обвинети дека користеле кобра да ја убијат нејзината свекрва во северната држава во Раџастан во 2019 година.

Најголем предизвик во случајот во Керала бил да се докаже дека каснувањето од змијата бил со намера да се предизвика смртта, изјави обвинителката Г Монхараџ, додавајќи дека на судот му е претставен тестот кој ја покажал разликата меѓу природните и индуцираните каснувања.

Двајца обвинети во сличните случаи судовите последните години ги ослободиле од обвинувањата, откако обвинителството не докажало дека отровните змии се користени како „оружје за убиство“, известуваат индиските медиуми.