Индиректните преговори меѓу Вашингтон и Техеран за заживување на нуклеарниот договор на шесте светски сили од 2015 година од кој САД еднострано се повлекоа барајќи да биде проширен и на иранската ракетна програма, завршиле без напредок на кој се надеваа посредниците од Европската унија, објави европскиот претставник Енрике Мора на Twitter.
„Ќе продолжиме да работиме со уште поголема итност за да го вратиме на вистинскиот пат клучниот договор за неширење на нуклеарното оружје и регионалната стабилност“, напиша Мора ноќта кон четвртокот.
Разговорите меѓу иранскиот претставник Али Багери Кани и специјалниот претставник на Вашингтон за Иран, Роб Малеј во катарска Доха, во кои Мора беше координатор започнаа во вторникот.
„Она што го спречи да овие преговори да се остварат е инсистирањето на САД на својот предлог на нацрт-текстот од Виена кој исклучува секаква гаранција за иранските економски поволности“, извести иранската новинска агенција Tasnim, повикувајќи се на информирани извори од преговорите.
Преговорите беа дел од настојувањето да се премостат разликите околу заживувањето на нуклеарниот договор меѓу Иран и светските сили од 2015 година. САД се повлекоа од договорот во 2018 година враќајќи ги на сила децениските санкции против Техеран, а откако европските потписнички на договорот не успеаја да ја заштитат руинираната иранска економија од американските санкции, Иран започна со постепено суспендирање на неговите обврски, главно во врска со количеството и степенот на збогатувањето на ураниумот.
Техеран, според различни извори, сега може да го надмине нивото од 20 отсто, што е значителен скок и ниво од кое лесно може да се дојде до критичното ниво од 90 отсто, но досега наведуваше дека „во моментов за тоа нема потреба“.
Зголемувањето на нивото и количеството на збогатен ураниум е дел од законот кој во ноември 2020 година го донесе иранскиот парламент по атентатот на воедечкиот нуклеарен физичар крај Техеран, за што Иран ги обвини САД и Израел откако се обелодени дека убиството е изведено со сателитски наведувано оружје кое било претходно оставен на патот.
Преговорите кои траат повеќе од 11 месеци меѓу Техеран и шесте големи сили за заживувањето на договорот за иранската нуклеарна програма беа запрени во март, во прв ред поради инсистирањето на Иран САД да ја отстрани Исламската револуционерна гарда (IRCG) од американската листа странски терористички организирани (FPO).
Претходно во средата иранското министерство за надворешни работи соопшти дека индиректните преговори меѓу Техеран и Вашингтон, во кои посредува ЕУ, се одвиваат во катарската престолнина Доха во „сериозна“ атмосфера, негирајќи ги претходните информации дека преговорите се прекинати.