![droupadi-murmu](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/droupadi-murmu.jpg?resize=696%2C461&ssl=1)
Индискиот парламент го започна во понеделникот гласањето за изборот на новиот претседател на државата, а како фаворит се споменува политичарка од маргинализирана племенска заедница.
Драупади Мурму од племето Санжал, за оваа главно церемонијална позиција, ја именуваше владејачката партија Баратија Џаната на премиерот Нарендра Моди. Доколку биде избрана, Марму ќе биде првата претседателка на Индија која доаѓа од племе и втора жена на таа должност во историјата.
Претседателот на заминување Рам Нат Ковинд е вториот претседател од заедницата Далит, на самото дно од хиндускиот кастински систем, позната како „недопирливи“.
Мурму пред влегувањето во политиката работела како учителка во источната сојузна држава Одиша. Ја извршувала министерската должност во локалната влада и стана гувернерка на соседната држава Џарканд.
„Животот и кариерата ги посвети на службата во благосостојбата на заедницата и општеството, поддршка на сиромашните, угнетуваните и маргинализираните“, напиша Моди на Twitter по објавата на нејзината кандидатура.
Главниот противник на оваа 64-годишна политичарка е 84-годишниот Јашвант Синха, поранешен член на партијата на Моди и поранешен министер за финансии и за надворешни работи. Тој ја ужива поддршката од опозициските партии, вклучително и водечката Конгресна партија.
Синха стана жесток критичар на Моди и порача дека изборите за шеф на државата не е трка меѓу двајца поединци, туку на две идеологии и оти само едната страна сака да ги заштити одредбите и вредностите впишани во индискиот Устав.
Индискиот претседател на петгодишниот мандат, во кој има одредена улога во постапката при избор на формирање на владата, го избираат речиси 5.000 членови на двата дома на парламентот и регионалните законодавни собранија од целата земја.
Доколку ниту еден кандидат не освои поддршка од најмалку 50 отсто, оној со најлош резултат се елиминира, а неговите гласови се распределуваат сѐ додека еден од кандидатите не достигне до 50 отсто. Резултатите од изборот треба да бидат објавени кон крајот на седмицата.