Уделот на германските компании коишто планираат да ги зголемат цените на своите производи и услуги се намалил во јули, трет месец со ред, што покажува дека инфлацијата во земјата е веројатно на врвот, покажало истражувањето на германскиот економски институт Ifo.
„Цените и натаму веројатно ќе продолжат да растат, но темпото ќе забави… Тоа значи дека инфлацијата е веројатно на врвот и дека постепено ќе се намалува во текот на втората половина од годината“, изјави во четвртокот Тимо Волтмерхаузер, шеф на одделот за прогнози во Ifo.
Волтмерхаузер додава дека вообичаено треба да изминат неколку месеци за очекувањата на компаниите за цените да почнале да се одразат во потрошувачките цени.
Показателот на Ifo за уделот на компаниите кои планираат да ги зголемат цените во следните три месеца, така се лизнал во јули на 47,4 поени, од 52,9 во јуни и 57,8 поени во мај.
Во Германија годишната стапка на инфлацијата мерено со хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP), во јуни значително забавила на 8,2 отсто со 8,7 отсто според податоците на Eurostat.
Аналитичарите во анкетата на Reuters предвидуваат дека во јули годишната стапка на инфлацијата во Германија благо ќе забави на 8,1 отсто.
Годишната стапка на инфлацијата во Европската унија во јуни достигна рекордни 9,6 отсто, зголемувајќи се за 0,8 процентни поени во однос на претходниот месец. Истовремено во еврозоната се зголеми за половина процентен поен, на 8,6 отсто достигнувајќи го новото највисоко ниво откако се собираат податоците за инфлацијата во зоната.