Фудбалерите на Интер се победници на 36-то издание на италијанскиот Суперкуп што се одржа во саудиски Ријад, откако во финалето го совладаа Наполи со 1:0.
Решавачкиот гол за третиот последователен Суперкуп на Интер и осми во историјата на стадионот КСУ во Ријад го постигна Лаутаро Мартинез во првата минута од судиското надополнување. Рекордер е Јувентус со девет титули.
Првпат се одржа италијанскиот Суперкуп како мини-турнир со четири екипи. Учествуваа шампионот Наполи, освојувачот на купот Интер, италијанскиот вицешампион Лацио и финалистот на Купот – Фиорентина. Интер во полуфиналето го совлада Лацио со 3:0, додека Наполи со истиот резултат ја совлада Фиорентина.
Првата шанса на натпреварот Интер ја имаше во 16. минута, Федерико Димарко шутираше, но го промаши голот. Две минути подоцна се закани Хенрик Мхитарјан, но ударот на играчот од средниот ред на Интер мина над голот. Во 38. минута Интер ја затресе противничката мрежа, но голот на Лаутаро Мартинез беше поништен поради офсајд.
Во 51. минута Наполи ја имаше првата вистинска шанса, одлично шутираше Хвича Кваратшхелија, но Јан Зомер беше подготвен. Девет минути подоцна се случи еден од клучните моменти на натпреварот. Џовани Симеоне заработи втор жолт картон, а Наполи остана со играч помалку на половина час пред крајот на натпреварот.
Во продолжението од натпреварот Интер притисна и успеа да ја пробие противничката одбрана во судиското надополнување. Бенжамин Павар ја испрати топката во шеснаесетникот, а Мартинез погоди за победа.