Фудбалерите на Интер стасаа на чекор и до теоретското обезбедување на 19-та титула шампион на Италија со победата во саботата на гостувањето на последниот Кротоне кој исто така теоретски го испратија во втората лига, а во последниот саботен дуел од 34-то коло на италијанското првенство нивниот градски ривал Милан со домашната победа над Беневенто од 2:0 привремено се втори на табелата.
Милан на „Сан Сиро“ поведе уште на самото отворање на натпреварот со убавиот погодок на Хакан Чалханоглу во 6 минута, а победата ја потврди Тео Ернандез во 60 минута, кога во противничката мрежа ја спроведе топката по одбиениот удар на Златан Ибрахимовиќ.
Со овие три бода Милан скокна од петтата на втората позиција на табелата со 69 бодови, еден помалку има третопласираната Аталанта, а по три помалку четвртиот Наполи и петтиот Јувентус. Сите тие своите натпревари од 34-то коло ќе ги играат во недела. Аталанта на гости кај Сасуоло, Наполи дома против Калјари, а Јувентус гостува кај Удинезе.
Беневенто остана во зоната на испаѓање од Серија А, 18-ти е со 31 бод, колку што имаат и 16-от Торино кој во понеделник ќе игра против Парма, и 17-от Калјари.
Претходно во саботата играчите на Интер и теоретски дојдоа до можноста да ја прекинат речиси децениската доминација на Јувентус. Победата над „фенерџијата“ Кротоне ја остварија со погодоците во второто полувреме, на Данецот Кристијан Ериксен во 69 минута кога од 20-ина метри биеше прецизно по земја. Победата ја обезбеди во втората минута од судиското продолжение Ашраф Хакими од противнапад, откако целиот тим на домашните се пресели пред гостинскиот гол барајќи израмнување.
Водечкиот Интер сега има 82 бода и може да ја слави титулата уште во недела, доколку Аталанта не го победи Сасуоло. Кротоне е последен 20-ти со 18 бодови, а 17-от Калјари, кој го држи последното место коешто гарантира опстанок му бега 13 бодови.
Во првиот саботен меч Верона и Специја одиграа без победник 1:1. Верона поведе на самиот почеток од второто полувреме, во 46 минута со погодокот Едие Салседо, а важниот бод за Специја во борбата за опстанок го донесе Рикардо Сапонара во 86 минута.
Верона со ова реми ја прекина низата од четири последователни порази, но сепак остана 10-та на табелата со 42 бодови, колку што има и деветтата Сампдорија, додека 15-та Сепција бодовно се израмни со 14-та Фиорентина, двата тима имаат по 34 бодови, три повеќе од 18-от Беневенто.