Иранската парамилициска формација Чувари на исламската револуција објавија во неделата дека во петокот иранскиот народ и безбедносните сили ги сузбиле немирите кои ги предизвикале надворешни непријатели, а според извештаи од Техеран уапсен е и поранешниот тврдолинијашки претседател Махмуд Ахмадинеџад.
„Иранскиот револуционерен народ заедно со десетици илјади припадници на Басија, полицијата и на министерството за разузнавачки работи ја разија веригата на немирите“, објавија Револуционерната гарда во изјава на нивната интернет страница..
Гардата на чуварите на револуцијата тврди дека насилните безредија со над дваесет мртви и во коишто имаше вооружени напади врз полициски станици „ги создадоа САД, Британија, ционистичкиот режим (Израел), Саудиска Арабија, лицемерите (иранските сунитски муџахедини) и монархистите“.
Иранскиот парламент во неделата одржа седница на којашто заедно со министерствата за внатрешни работи и за разузнавачки работи, со челникот на иранската полиција и заменикот на Гардата на чуварите на револуцијата да расправаат за најголемите немири и бунт против власта на естаблишментот на клериците од 2009 година.
Во безредијата коишто траеја речиси една седмица во Иран 22 лица загинаа, а повеќе од илјада се приведени, соопштија иранските власти. Протестите, како економски револт , започнаа на 28-ми декември во светиот шиитски град Машхад, вториот по големина во земјата, откако владата најави планови за зголемување на цените на горивата и кастрење на паричната помош за сиромашните. Меѓутоа, протестите коишто зафатија 80 градови во кои младите и работниците негодуваат против поскапувањата, невработеноста и сѐ поголемата разлика меѓу богатите и сиромашните, набрзо станаа насилни што наиде на остра осуда од владата и претседателот.
Потоа три дена по ред беа организирани уште помасовни протести на поддржувачите на владата, свештениот врв и претседателот Хасан Роухани, што всушност ги прекина протесните собири.
Според медиумски извештаи од Техеран, поранешниот претседател Махмуд Ахмадинеџад кој владееше од 2005 до 2013 година и против чијшто реизбор во 2009 година избувнаа до сегашните најголемите протести во Иран на реформистите и либералите, бил уапсен во Бушер, град во истоимената покраина на брегот од Персискиот залив, на околу илјада километри од престолнината.
Ахмадинеџад бил уапсен во текот на говор бидејќи со своите изјави ги поттикнувал демонстрантите на насилство. Апсењето на политичарот кој беше жесток противник на Западот и Израел, негирајќи го воопшто историското постоење на холокаустот, било одобрено од врховниот ирански водач, ајатолахот Али Хамнеи.