Иран ќе ги запре нуклеарните активности кога САД ќе ги укинат санкциите

Иран „веднаш ќе ги запре“ своите обвновени нуклеарни активности кога САД ќе ги укинат повторно воведените санкции, изјави во петокот иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф повторувајќи ги ставовите на Техеран за понудата од Вашигтон за оживување на преговорите.

Администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден претходно во четвртокот порача дека е подготвена да се врати во договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година меѓу Иран и шесте светски сили. Во мај 2018 година, претходниот американски претседател Доналд Трамп, ги повлече САД од овој договор, инсистирајќи најмногу под влијание на неговиот стратешки партнер Израел, во договорот да биде вклучена и иранската балистичка програма, што Техеран решително го отфрлаш.

Потоа Вашингтон ги врати санкциите против Иран, по што европските компании од земјите потписнички и другите земји стравувајќи од американските санкции ги повлекоа своите инвестиции со кои закрепнуваше иранското стопанство девастирано од влијанието на децениските меѓународни санкции. Како одговор на тоа, Техеран постепено почна да ги суспендира некои од своите одредби од договорот, и неодамна започна со збогатување на ураниумот на 20 отсто, ниво од кое лесно може да се дојде до нивото од кое може да се развие нуклеарно оружје.

„Кога санкциите ќе бидат укинати, веднаш ќе ги запреме сите корективни мерки. Едноставно“, објави на Twitter шефот на иранската дипломатија Зариф. Тој претходно во четвртокот твиташе дека иранските „корективни мерки“ се одговор на кршењето на договорот.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во четвртокот изјави дека Вашингтон ќе се врати во договорот, доколку Техеран целосно ќе го почитува.

Иран на САД им го постави како рок 23-ти февраури да започнат со укинување на санкции, а во спротивно ќе го преземат, како што го опишаа, својот досега најголем чекор во кршењето на договорот, односно ќе ги забранат инспекциите на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).

Велика Британија, Германија и Франција, како потписнички на договорот од 2015-та во Виена, и САД во четвртокот го повикаа Иран да се воздржи од овој чекор и ја повторија својата загриженоста од неодамнешните активности на Техеран во врска со производството на квоти на збогатен ураниум до 20 отсто.