Ирска додаде 26 земји на листата за задолжителен карантин, меѓу нив е и Македонија

Владата на Ирска додаде 26 земји на листата држави за граѓани кои подлежат на хотелски карантин по доаѓањето во земјата, а меѓу нив е и Македонија.

Според пишувањата на ирскиот весник Индипендент, одлуката е донесена на предлог на главниот советник за здравство. Лица кои доѓаат од САД, Франција, Германија и Италија мора да одат во 12 дневен хотелски карантин.

Меѓу земјите додадени на листата се Србија, Албанија, Црна Гора, Македонија, Сан Марино, Израел, Порторико и други.

Во заедничкото соопштение на Министерството за здравство и Министерството за надворешни работи, на наредниот состанок на здравствени власти ќе се разгледува можноста за дополнување на листата и со други земји.

Ирска има најстроги мерки од земјите во ЕУ, а минатата недела е воведен задолжителен хотелски карантин за лицата кои доаѓаат од високоризични земји.