Облечена во тенка блуза, тегет тренерки и розови папучи, пациентка по име Ленка Најденова (70) излегла од Клиниката за онкологија вчера попладне незабележана од никого, ниту од обезбедувањето ниту од медицинскиот персонал и се упатила во непознат правец.
Семејството преку Слободен печат упатува апел до граѓаните доколку ја забележат исчезнатата жена која инаку е од Крива Паланка, а на Клиниката за онкологија требало да остане хоспитализирана, да пријават во најблиската полициска станица и да ја задржат.
Жената излегла од Клиниката за онкологија околу 15 часот попладнето.
„Тетка ми ја нема цела ноќ. Од полиција ни кажаа дека ја забележале кај две амбасади но не ја препознале и не ја задржале. Цимерката со која беа во соба ни кажа дека заедно биле на зрачење, немала негативни појави од тоа и затоа е многу чудно ова што се случи. Не е дека не сакала да се лекува, зашто беше среќна што беше примена на клиниката и што ќе прими терапија“, рече за Слободен печат Маја Дурмишовска од Скопје.