Истражување на Детектор: Мнозинството граѓани сметаат Договорот за добрососедство ќе ги унапреди односите со Бугарија

Поголем дел од граѓаните, или 48,7 отсто го поддржуваат „Договорот за добрососедство со Бугарија“ и сметаат дека тој ќе ги унапреди односите со источниот сосед (55,4 проценти) покажува истражувањето на јавно мислење спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која гостуваа Владо Бучковски, професор и поранешен премиер, проф. Наташа Котлар од Институтот за национална историја и проф. Драган Ѓеорѓиев од Mешовитата комисија за историски и образовни прашања, формирана по потпишувањето на договорот.

Според истражувањето, 42,7 отсто од испитаниците сметаат дека македонската страна добро ги водеше преговорите со Бугарија за „Договорот за добрососедство“, со кој се затвори ова отворено прашање.

Поранешниот премиер Владо Бучковски е задоволен што уште на почетокот на првата година од мандатот на Заев се затвораат отворените прашања со соседите Бугарија и Грција. „Прашањето со Бугарија е поедноставно за затворање. Тоа е ветер во грб за иднината. Беше јасно и за Заев и за Димитров дека без затворањето на отворените прашања со соседите, не може да се оди напред“.

За усогласување на фактите по потпишувањето на договорот за добрососедство беше формирана мешовита комисија за историски и образовни прашања, чија задача, според нејзиниот член проф. Драган Ѓеорѓиев, е да ги стави фактите во одреден политички, социјален и културен контекст.

Историчарката проф. Наташа Котлар смета дека договорот за добрососедство е асиметричен и дека „ќе поминеше многу подобро ако се останеше на првата точка од членот осум и прво се развиваа добрососедските односи на двата народа кои имаат посебни јазици“ .

Што се однесува до компромисите направени за да се постигне договорот за добрососедство со Бугарија, за најголем дел од граѓаните (49,1 отсто) е неприфатливо тоа што македонската страна преговарала без да се залага за правата на македонското малцинство во Бугарија, за дел (46,1 отсто) е неприфатлива ревизијата на учебниците, додека заедничката прослава на историски настани и личности е неприфатлива за 41,3 отсто и прифатлива за 36,1 проценти  од граѓаните.

„Не е цел ниту на политичарите, ниту на историчарите да ја сменат историјата. Ова е неповратен процес и верувам дека Бугарија може да биде нашиот најголем сојузник и дека тоа ќе се случи“ уверува Бучковски, иако очекува проблем во усогласување на фактите кога ќе се дојде до периодот на 20 век и периодот на создавање на македонската независна држава.

Иако несогласувања со бугарската страна околу овој историски период можат да се очекуваат и според Ѓеорѓиев кој смета дека „и самите историографи најмногу се судираат околу карактерот на Илинденското востание, идентитетот на личностите кои го водат итн.“, сепак според него може да се најдат елементи кои можат да придонесат за усогласување доколку се има позитивен пристап. „За тоа треба време, комисијата да се остави да работи без политички притисок, без силен притисок од јавноста и без апсолутно никакви рокови, зашто доколку тие се постават може да се доведат до погрешни и брзи одлуки“ вели тој и уверува дека формулациите што ги прават со бугарските колеги се базираат на академски принципи и дека нема политика.

Проф. д-р Наташа Котлар посочува дека е „убаво да се работи на историските прашања во еден подолг период за да може да се организираат трибини и конференции, прво во матичните земји“, пред да се оди на дефинирање на она што е заедничко. Со  тоа дека се потребни дискусии, конференции, симпозиуми и инволвирање на поширок круг на специјалисти за најчувствителните проблеми со цел да се дојде до она што е заедничко, се согласува и Ѓеорѓиев, „бидејќи нашата историја со Бугарија е испреплетена“.

Од политички агол Бучковски препознава „зголемување на довербата помеѓу политичарите“ и смета дека „тоа е сериозно добар сигнал“. Затоа според него „треба да се остави науката и историчарите на раат да си ја завршат својата работа“.

Во однос на земањето на бугарски пасоши на македонските граѓани, речиси идентичен е бројот на граѓаните кои го ова го поддржуваат (36,9 отсто), и на оние кои ова не го поддржуваат (35,1 отсто).

Ставот на македонските граѓани за нивните соседи е различен, од преовладувачко позитивно мислење за Србија (78,6 проценти ), за Бугарија (58.8 отсто) и за Грција (55.7 отсто), до преовладувачко негативно мислење за Албанија (46,9 отсто) и за Косово (49,1 отсто), при што ставовите на испитаниците во однос на Грција и Бугарија се речиси непроменети во однос на ставовите на испитаниците добиени преку анкета во 2017 година.

Истражувањето на тема „Договорот за добрососедство со Бугарија“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 31 јануари до 4 февруари на 1102 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да ја запази репрезентативноста на населението.