Истражување: Во САД има трипати повеќе оружје отколку во Европа

Бројот на парчиња огнено оружје по глава на жители во САД е трипати поголем од цифрата во европските држави, каде на прво место се Црна Гора и Србија.

Според истражувањето за лесно оружје на американската организација „САС“ во САД во 2017 година на сто жители имало 120 парчиња оружје, додека во Црна Гора и Србија – 39,1, а на Кипар – 34.

Во 2017 година во Европска Унија, која има 513 милиони жители имало 79,8 милиони огнено оружје, а ако на таа бројка се додадат Русија и Исланд бројката изнесува 93,2 милиони.

Според „САС“ оружјето е најмногу сконцентрирано во Русија – 17,6 милиони, потоа следат Германија со 15,8 милиони и Франција со 12,7 милиони парчиња оружје.

Истражувањето покажа и дека во 2017 година во 230 земји и автономни територии во светот имало повеќе од една милијарда парчиња огнено оружје од кои 84,6 проценти било во сопственост на цивили, 13,1 отсто поседувале армии и 2,2 проценти полицијата.

Околу 46 проценти од вкупно 857 милиони парчиња лесно оружје што го поседувале цивили во 2017 година им припаѓало на луѓето кои живеат во САД.