Италија ѝ забрани на американската компанија собирање лични податоци

Luka, Inc./Handout via REUTERS/File Photo

Италијанскиот регулатор соопшти дека ѝ забранил на американската компанија за вештачка интелигенција „Replika“ да собира лични податоци за да создаде „виртуелен пријател“, предупредувајќи на ризици за малолетниците и емоционално кревките лица.

Стартапот „Replika“ е основан во 2017 година во Сан Франциско и нуди аватари за разговор на клиентите. Неговата бесплатна апликација е добро прифатена меѓу оние што го практикуваат англискиот јазик и носи околу два милиони долари месечно приходи за компанијата од продажбата на дополнителни функции, како што се гласовните разговори.

Во рекламите „Replika“ тврди дека „виртуелните пријатели“ можат да ја подобрат емоционалната состојба на корисникот.

Италијанскиот регулатор, пак, верува дека интервенцијата во расположението „може да ги зголеми ризиците за поединци кои сѐ уште се во фаза на развој или се емоционално кревки“. Исто така, предупредија дека апликацијата не вклучува механизам за проверка на возраста на корисникот.

Воедно, се додава, „Replika“ ги прекршува и европските прописи за приватност и незаконски обработува лични податоци, нагласија регулаторите на крајот на минатата седмица, објаснувајќи дека апликацијата не се заснова на договори, бидејќи малолетниците не можат да ги потпишат.

Авторите на „Replica“, американската компанија „Luka“, во рок од 20 дена треба да достават до регулаторот извештај за мерките што ги презеле за исполнување на нивните барања. Во спротивно, се соочуваат со казна до 20 милиони евра или до 4 отсто од својот годишен промет на глобално ниво.