Италијанскиот премиер Џузепе Конте објави во средата дека воведува вонредна состојба во траење од 12 месеци во Џенова каде што во вторникот се урна надвозник при што усмрти 42 лица, според последните податоци.
„Го слушнавме барањето на претседателот на регионот и прогласивме вонредна состојба во траење од 12 месеци“, изјави Конте за новинарите по вонредната седница на неговата влада којашто се одржа во Џенова.
„За првите интервенции издвоивме 5 милиони евра од националниот центар за вонредни состојби. Тоа е првата мерка по трагедијата“, рече премиерот.
Конте додаде дека ќе прогласи национален ден на жалост, кој ќе биде на денот на погребот на жртвите.
Поради масовното гинење на луѓето, обвинителството на Џенова започна истрага за кривично дело според челнот од италијанскиот Кривичен закон за убиство на две или повеќе лица. Засегa истрагата се води во однос на непознати лица.
Како што изјави главниот обвинител на Џенова, Франческо Коци, трагедијата се должи на „човечка грешка“, и оти не станува збор за кобно совпаѓање на околностите. Според него, обвинителството кое отворило случај за уривањето, ќе мора да собира документација и сведоштва во всрска со изградбата и одржувњето на надвозникот.