Владата ненајавено ги забрза преговорите за името, а средбата на шефовите на македонската и грчката дипломатија, Никола Димитров односно Никос Коѕијас, којашто првично беше најавена за 15-ти и 16-ти февруари во Софија, ненајавено се одржува во понеделникот вечерта, и тоа во Виена, каде што утре двајцата министри ќе се сретнат со медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц.
Индикативно, македонското Министерство за надворешни работи соопштението за средбата го лиферуваше вечерва, малку пред таа да се оддржи.
„Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, вечерва, во Виена, ќе има средба со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас. Утре (вторник, 13 февруари 2018 г.), двајцата министри ќе имаат заедничка средба со личниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц“, се наведува во кусот соопштение на македонската дипломатија
Штурото соопштение не содржи никави појаснувања на што се должи ова ненајавено забрзување на преговорите. Пред повеќе една седмица најавата на министерството беше дека Димитров и Коѕијас ќе се сретнат на 15-ти и 16-ти февруари, на наводно неутрален терен во Софија.
Но во понеделникот попладнето дојде ненадејната најава на македонската дипломатија, која пристигна на само неколку часа пред средба на двајцата министери за надворешни. Нема објаснување на што се должи и промената на локацијата, која во првичната најава беше закажана за во Софија и како таа се случува во Виена.
Во вторникот следи и заедничка средба на Димитров и Коѕијас со медијаторот Нимиц, којашто, исто така, е „забрзана“ и за која нема точен термин каде во Виена и во колку часот ќе се оддржи.
Кои се мотивите за тајновитоста и таканареченото за ваквите избрзани и ненајавени средби во преговори за името, во недостиг на официјални информации останува само да се претпостави.