Владата одлучи да го модернизира системот на управни постапки врз основа на потполно нова правна рамка, т.е. потполно нов Закон за општата управна постапка со кој од една страна ќе се зачуваат традиционалните вредности и добрите страни на сегашниот Закон, но исто така и ќе се отворат можности за примена на нови институти кои одговараат на современиот технолошки и општествен развој.
„Со новиот предлог-закон, се олеснува комуникацијата помеѓу граѓаните и институциите преку користење на електронска пошта. Тоа значи дека секоја институција законски мора да им дозволи на граѓаните да примаат барања преку е-маил и исто да им се одговори преку е-маил. Граѓаните ќе имаат можност да изберат да бидат комуницирани исклучиво преку е-маил или преку традиционален метод кој денеска се користи,“ изјави министерот Ивановски.
Новиот Закон за општа управна постапка ќе се применува исто така кога некој управен орган ги извршува своите задачи од управното право преку други еднострани управни дејства коишто не се опфатени во концептот на управниот акт, но се однесуваат на правата на граѓаните, нивните должности и законски интереси, како што се испораката на информации, предупредувања, известувања, објавување на експертските мислења, или во врска со претставките на граѓаните.
Министерот во своето обраќање исто така истакна дека согласно со новите законски решенија граѓаните ќе можат секогаш кога се работи за испорака на јавни услуги, доколку се незадоволни од истите да поднесат приговор до надзорните органи на давателите на јавни услуги, без оглед дали се работи за јавни органи или за приватни субјекти.
По приговорот ќе биде обезбедена и управно судска заштита што во значителна мера ќе ја зголеми заштитата на граѓаните но и одговорноста на давателите на јавни услуги, а со тоа и ќе влијае на зголемување на квалитетот на тие услуги.