Ивановски: Меѓународните методи за квалитет им помогаат на фирмите да ги унапредат процесите

Министерството за информатичко општество и администрација ја организираше Конференцијата „Управување со квалитет во државниот сектор„ на која беа претставени основните начела и начинот на спроведување на ISO стандардот и CAF моделот во државните институции.

Во своето воведно обраќање министерот Иво Ивановски истакна дека меѓународните методи за подобрување на квалитетот на работа и управувањето,  особено ISO стандардите и Заедничката рамка за проценка, се модели дизајнирани на начини да им помогнат на организациите да обезбедат унапредување на процесите, да учат од сопственото искуство, постојано да се подобруваат и да бидат успешни во обезбедувањето на услуги кон граѓаните.

„Согласно Законот во изминатиот период воспоставивме  координативно тело, во кое  членуваат претставници  од повеќе институции кое ќе ги  координира активностите за воведување на стандардите за квалитет во државните органи  се со цел граѓаните на Република Македонија да можат да добијат поефикасна и услужно ориентирана администрација.

Воведувањето на стандардите за управување со квалитет во институциите обезбедува високо ниво на задоволство на корисниците на услугите на државната служба, преку достигнување или надминување на очекувањата на корисниците.„- рече Ивановски.

Министерството за информатичко општество и администрација ја имаше централната улога како спроведувач и координатор на процесот, кое во изминатиот период го имплементираше ISO стандардот и се здоби со ISO сертификатот, целосно го воведе CAF моделот и  се стекна со сертификатот за ефективен CAF корисник т.н.  CAF User Label, станувајќи една од 59 институции во Европа и пошироко кои го поседуваат овој сертификат.

Државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахија, во своето обраќање истакна дека институциите  треба да го воведат најмалку основниот стандард ISO 9001, а зависно од надлежностите на органите можат да се воведат и други типови ISO или македонски стандарди, кои ќе го надополнуваат основниот стандард.

„Досега вкупно 29,75 отсто од институциите во Република Македонија поседуваат ISO 9001 сертификат, а 7,44 отсто се во последна фаза на сертифицирање“, додаде Јахија.

Инаку, на Конференцијата на која присуствуваа претставници од повеќе државни институции беше презентиран Законот за воведување на системот со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба, надзорот над неговото спроведување, како и начинот на спроведувањето на ISO стандардот и CAF моделот во македонските институции.