Израел следната седмица ќе започне клинички испитувања на вакцина за Covid-19

Израел на 1-ви ноември ќе ги започне своите први клинички испитувања на вакцина против новиот коронавирус, објави во неделата владата која се обидува да го стави под контрола вториот бран на заразата.

На самиот почеток од пандемијата израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му постави задача на државниот Институт за биолошки истражувања (IIBR) да развие вакцина против коронавирусот кој ширум светот усмрти досега повеќе од милион луѓе, од кои 2.372 во Израел, каде што досега има повеќе од 300.000 коронаинфекции.

Во неделата израелските власти објавија дека првите клинички истражувања на потенцијалната вакцина наречена „BrILife“, комбинација од зборовите „Briout“ или здравје на хебрјски и „Life“ односно живот на англиски, со буквите „IL“ од Израел, ќе започне на 1-ви ноември.

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) во моментов наведува четириесетина „кандидати за вакцината“ за кои траат клиничките испитувања врз луѓе ширум светот, наспроти 11-те кон средината на јуни. Десет потенцијални вакцини се во најнапредната трета фаза, во која се мери ефикасноста на вакцината на десетици илјади доброволци на неколку контитенти.

Лабораториите на израелскиот биолошки институт произвеле вакцина која предизвикала „ефикасен имунолошки одговор“ кај мали животни како што се глувчиња и хрчаци, и поголеми како свињи, изјави професорот др Шмуел Шапира, директорот на IIBR.

Вакцината ги добила сите потребни одобренија од израелското министерство за здравство и од Хелсиншки комитет за медицински експерименти врз луѓе.

На први ноември лабораторијата ќе ја започне првата фаза од клиничките испитувања на двајца волонтери на возраст меѓу 18 и 55 години кои ги избрале медицинскиот центар „Шеба“ во Тел Хашомер и ерусалимскиот Универзитетски медицински центар „Хадаса“, истакна Шапира.

Во зависност од првите реакции, властите ќе минат од двајца волонтери на 80 во првата фаза, а потоа во декември на 980 во втората фаза и на 25.000 во третата фаза од клиничките испитувања предводени за април и мај следната година,

Досега биле произведени 25.000 дози од овој препарат, а производството би требало да се зголеми на 15 милиони дози, или повеќе од бројот на жителите на Израел, кој изнесува 9 милиони.