Израелските безбедносни сили синоќа на окупираниот Западен Брег ја урнаа куќата на палестинскиот напаѓач кој уби Израелец во март во Тел Авив.
Во вооружениот напад во март 22-годишниот Мутаз Салах ал Каваџа рани уште двајца Израелци, јавуваат израелските медиуми.
Напаѓачот потоа бил убиен од израелски војници и цивили.
Израелските војници по полноќ влегле во населбата Нилин во близина на Рамалах, каде што живеел напаѓачот, и се соочиле со отпор од локални млади Палестинци.
Палестинските медиуми објавија дека звучниците на џамијата ги повикувале жителите да се соберат околу куќата на Ал-Каваџа за да се спречи уривањето.
Жителите пукаа и фрлаа петарди кон израелските војници, кои возвратија на нападите.
Армијата им нареди на жителите на околните куќи да се евакуираат, а на покривите беа поставени снајперисти за да ги заштитат војниците на теренот.
Вообичаена пракса е Израел да ги урива куќите на Палестинците обвинети за смртоносни напади и нивните поддржувачи.
Меѓутоа, за ефикасноста на таквата мерка се разговара во израелскиот одбранбен естаблишмент, а активистите за човекови права сметаат дека таквата практика е неправедна колективна казна.
Исламскиот екстремистички Хамас, организацијата што владее со Појасот Газа, соопшти дека Ал Каваџа бил член на нивното воено крило.