Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска имаше работен состанок во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во пресрет на претстојните претседателски и предвремени парламентарни избори, а во рамките на денешниот „Отворен ден“ за граѓаните.
Целта на посетата е информирање за мерките и активностите што се превземаат, но и јасно да се потсети, нагласи Јанкулоска, за правата на граѓаните кои ги имаат во случај кога ќе почувствуваат дека на кој било начин полициските службеници излегле надвор од професионалните стандарди и службените овластувања.
„Граѓаните ги кажуваат своите забелешки и понекогаш претставките се основани, но понекогаш утврдуваме дека полициските службеници постапувале во рамки на нивните службени овластувања. Нас не радува фактот што граѓаните се повеќе се охрабруваат да го кажат своето мислење“, изјави Јанкулоска, додавајќи оти најчестите претставки се за несоодветно однесување на полициските службеници, употребиле несоодветна сила и ги пречекориле дел од другите полициски овластувања.
Според министерката за внатрешни работи, статистичките податоци покажуваат дека откако е таа на чело на МВР, во над 600 случаи СВКПС поднел кривични пријави против вработени во МВР.
„Тоа зборува дека пристапот е неселктивен и оти нашата единствена цел е подигнување на професионалните стандарди“, истакна министерката Јанкулоска.
Претседателот на Македонскиот центар за култура и развој и раководител на процесот „Граѓанска превенција“, Нелко Нелковски најави дека оваа НВО ќе соработува со Изборните штабови на сите релевантни партии за превенцијата во рамки на изборниот процес.
„Ќе бидат вклучени 70 наши активисти во целата земја и ќе имаме завршен извештај кој ќе биде доставен до сите институции, политичи партии и меѓународните посматрачи“, изјави Нелковски.