Иако повторно не играа на нивното очекувано нив, европските фудбалски гиганти мадридски Реал и минхенски Баерн забележаа победи во средбите од третото коло на Лигата на шампионите.
Актуелниот европски првак Реал на својот стадион „Сантијаго Бернабеу“ со 2:1 ја победи Викторија Плзен, а Баерн во Атина со 2:0 го порази АЕК. Јувентус на „Олд Трафорд“ славеше против Манчестер Јунајтед со 1:0, Манчестер Сити рутински го одработи гостувањето во Украина кај Шахтјор победувајќи со 3:0, додека Хофенхајм и Лион одиграа возбудлив дуел кој заврши со резултат 3:3.
„Кралскиот клуб“ натпреварот против Викторија го пречека со потреси откако во последното коло на својот терен беше совладан во шпанското првенство од Леванте со 1:2. Тоа беше четвртиот пораз на Реал во последните пет натпревари а притоа европскиот шампион постигна погодок дури по 481 минути игра, што е нов негативен рекорд во 116-годишната историја на клубот. Реал постигна гол дури осум часови и една минута игра без погодок, на дуелите со Севилја (0:3), Атлетико Мадрид (0:0), ЦСКА Москва (0:1), Алавес (0:1) и 72 минути против Леванте.
Реал се мачеше и во вторникот вечерта против борбените Чеси, но на крајот славеше со 2:1. Домашните поведоа во 11 минута со голот на Карим Бензема, а потоа не реализираа неколку убави шанси. На 2:0 зголеми Марсело во 53 минита, но гостите ја вратија неизвесноста во 79 минута со голот на Патрик Хрошовски.
Во вториот натпревар од оваа Група Г, Рома на својот „Олимпико“ ја надигра московска ЦСКА со 3:0, со одличната изведба на Един Џеко. Московјаните одиграа одлични половина час, но сето тоа го упропастија во последните 15 минути од првото полувреме кога дозволија да примат два гола, а двата ги постигна Џеко, во 30 и 43 минута. Босанскиот репрезентативец имаше главна ролја и при третиот гол на Рома кога со глава му ја спушти топката на Ченгиз Унед за конечните 3:0.
На табелата водат Реал и Рома со по шест бодови, ЦСКА има четири бодови, а Викторија само бод.
Баерн кој минатото првенствено коло, се чини, со гостинската победа кај Волсфбург се врати на победничките патеки по петте дуели без победа, исто така, не блескаше во Атина. Но Баварците сепак ги освоија бодовите против АЕК кој успеваше да одолее цел час но потоа за две минути беше решен победникот. Во 61 минута погоди Хави Мартинез, а во 63 минута Роберт Левандовски беше прецизен по одличното додавање од Рафиња.
Во вториот дуел од Групата Е, амстердамски Ајакс ја совлада Бенфика со 1:0, а решавачкиот гол го постигна Нусаир Мазрауи во втората минута од судиското продолжение. Мечот инаку изобилуваше со низа шанси од двете страни, но без вистинска реализација.
На табелата водат Баерн и Ајакс со по седум бодови, Бенфика има три, додека АЕК е без бодови.
Во Групата Ф, Манчестер Сити го победи Шахтјар со 3:0, а стрелци беа Давид Силва во 30, Емерик Лапорт во 35 и Бернардо Силва во 71 минута. Двата тима и лани беа во иста група, но тогаш украинскиот претставник дома славеше до 2:1, но овојпат Англичаните доминираа.
Во вториот дуел од групата Хофенхајм и Олимпик Лион одиграа „луд“ натпревар кој заврши со шест голови. Гостите поведоа со голот на Бертран Траоре во 27 минута по катастрофалната грешка на Кевин Вогт, по додавањето од неговиот голман Оливер Бауман. Германците прво израмнија во 33 минута со голот на Андреј Крамариќ, кој го направи и целосниот пресврт во полза на Хофенхајм со погодокот во 47 минута. Французите израмнија во 60 минута преку Тангуи Ндомбеле, а осум минути подоцна Депаи повторно го донесе Лион во водство. Во последните моменти од мечот домашните успеаја да сочуваат бод со голот на Јелинтон.
На табелата во оваа група води Манчестер Сити со шест бодови, Лион има пет, а Шахтјор и Хофенхајм по два бода.
Во Групата Х, на манчестерскиот „Театар на сништата“ со нетрпение се очекуваше враќањето на Кристијано Роналдо на овој тревник, но и овојпат во дресот на противникот. Манчестер Јунајтед кој го потресуваат лоши резултати беше осоколен со освојувањето, односно губењето бод во Лондон со Челзи во последните моменти, додека Јувентус во домашното првенство киксираше дома одигрувајќи само 1:1 со Џенова по осумте победи во низа. Мечот беше оптоварен и со стратешките ориентации на двајцата тренери, а решавачкиот гол го постигна Паоло Дибала во 17 минута. Јунајтед се разбуди во второто полувреме, а неговите играчи најблиску беа до погодок во 75 минута кога Пол Погба од дистанца ја погоди стативата.
Во претходно одиграниот натпревар Јанг Бојс и Валенсија одиграа без победник 1:1, со што швајцарскиот претставник го запиша првиот гол и првиот бод во својата историја во Лигата на шампионите. Шпанскиот тим, кој важеше за фаворит, поведе во 26 минута преку Мичи Батчуаи, а Јанг Бојс израмни со голот од пенал на Гијом Оару. Три минути пред крајот домашните имаа можност и да победат, но ударот со глава на Санога заврши во стативата.
На табелата води Јувентус со сите девет бодови, Манчестер Јунајтед има четири, Валенсија има два, Јанг Бојс еден бод.